Достапни линкови

Власта со сите сили против штрајкот во образованието


Изјавите од граѓани кои се претставуваат како дел од некакви ограноци од СОНК, а кои всушност не се ниту нивни членови, само покажува дека власта ги користи сите средства на отпор за да го спречи одржувањето на најавениот штрајк, истакнува претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Актуелната власт се обидува да го сузбие интересот за реализирање на генералниот штрајк на наставниот кадар во понеделник, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Изјавите од граѓани кои се претставуваат како дел од некакви ограноци од СОНК, а кои всушност не се ниту нивни членови, само покажува дека власта ги користи сите средства на отпор за да го спречи одржувањето на најавениот штрајк, истакнува Неделков.

Почнувајќи од првата таква јавна изјава и настап на телевизија на регионалниот одбор на Охрид кадешто група на граѓани излегоа да читаат некаков текст, а подоцна се испостави дека таа што го читаше текстот не е ни член на Синдикатот.
Јаким Неделков, претседател на СОНК.

„Почнувајќи од првата таква јавна изјава и настап на телевизија на регионалниот одбор на Охрид кадешто група на граѓани излегоа да читаат некаков текст, а подоцна се испостави дека таа што го читаше текстот не е ни член на Синдикатот“ вели Неделков.

Илустрација.
Илустрација.

Тој повторува дека одлуката за генерален штрајк е донесена врз основа на изјаснување на синдикалните организации, односно 87 проценти од членовите. После донесувањето на ваквата одлука и нивното доставување до ресорните министерства, почна појавата на предомислување во рамките на организациите, несогласувања, па дури и обвинувања дека Неделков ова го прави со цел да ја задржи раководната позиција во синдикатот.

Начинот на којшто вообичаено власта се труди да ги сузбие протестите е преку организирање контрапротести или преку некој кој се јавува од истата фела кој тврди дека оние кои сакаат да протестираат не ги застапуваат нивните интереси.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Би било смешно, да не е трагично во очи на изборите јас се обидувам да го задржам своето место на позиција претседател. Изборите ќе бидат после точно година и еден месец. Се работи за барања, за прашања, коишто долго, долго време го тиштат и образованието и културата и детската заштита“, вели Неделков.

Тој имал сознанија дека нивните членови имаат притисоци за да не учествуваат во штрајкот, иако се незадоволни од состојбите во образованието. Притисокот врз членството е евидентен, но поради страв никој не се осмелува да го потврди тоа јавно, вели првиот човек на СОНК.

Експертите во оваа област, пак, велат дека она што за секоја држава е нормална појава, односно да се покрене протест за остварување на своите права, кај нас не се дозволува. Власта, вели професорот Здравко Савески, сака секој отпор кон себе да го сузбие.

„Начинот на којшто вообичаено власта се труди да ги сузбие протестите е преку организирање контрапротести или преку некој кој се јавува од истата фела кој тврди дека оние кои сакаат да протестираат не ги застапуваат нивните интереси“, вели Савески.

Она што е вообичаена појава кај нас е ставањето на партиските интереси пред сопствените егзистенцијални права. Па така на пример, приврзаниците во синдикатот од владејачката партија се принудени да се одлучат дали ќе ги почитуваат партиските одлуки или ќе се борат за своите права.

„Во таква ситуација имаме нешто што би требало да биде ненормално, некој да ги става партиските интереси пред сопствените егзистенцијални проблеми. Овој парадокс е показател за некои ненормални појави кои се случуваат во македонското општество“, вели Савески.

На ова треба да се додаде и фактот што притисоците за почитување на партиските одлуки одат дотаму што на нивните приврзаници во синдикатот им се закануваат со разни последици поврзани со работното место, но заканите вели Савевски не секогаш не треба да бидат оправдување за нивните неморалните постапки.

Ако голем процент од вработените во образованието штрајкуваат, тогаш не постои контрастратегија на девалвација од страна на власта и не постои таков закон кој може да биде сменет и да ја надмине солидарноста на работниците, заклучува Савески.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG