Достапни линкови

Владините политики најдобри, платите најмали!


Истражувањето на турската агенција Анадолија покажува дека Македонија е на последното место во регионот според висината на просечната плата.

Владата постојано пласира информации во јавноста дека македонската економија се движи во добар правец. Постојано се зборува за зголемен економски раст, низок јавен долг, зголемување плати и пензии, како и раст на животниот стандард и на производството. Но, за граѓаните реалноста е поинаква, бидејќи платите се ниски и едвај ги подмируваат трошоците.

Во споредба со балканските метрополи, Софија, Сараево, Белград, ние сме со најнизок личен доход.
Анкетиран граѓанин.

Дека платите во Македонија не се сјајни покажува и последното истражување на турската агенција Анадолија, според кое земјата е на последното место во регионот според висината на просечната плата. Граѓаните велат дека не се задоволни од месечните приходи.

„Не сум задоволен од платата зашто кога би ја споредил со возачите на балканските простори, јас сум вработен во ЈСП, е многу пониска. Еве во Сараево возачите земаат по 600 евра возачите, а ние земаме 25 илјади. Во споредба со балканските метрополи, Софија, Сараево, Белград, ние сме со најнизок личен доход.“

За да се развие една економија, за да пораснат платите треба да се развива претприемништвото, треба да се пушти флуктуирачки курс на денарот, тука лежи зајакот.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија.

„За храна се издвојува најмногу. Кога ќе платите сметките, вода, струја, телефон, не останува ништо.“

„Илјада евра би ми биле потребни за да имам нормален живот и да си ги задоволам сите потреби“, велат анкетираните граѓани.

Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов вели дека со македонската просечна плата дефинитивно не може да се преживее.

„Тоа не зависи од ништо друго, туку од светските текови. Овде пред сè мислам на цените нафтата и на храната кои не зависат од Македонија, туку од светските текови. Поскапувањето на енергенсите во просек е 4-5 отсто годишно, а просечната плата во Македонија расте во просек за 1 отсто годишно“, вели тој.

Според Витанов, во иднина не може да се очекува некое видно покачување на платите на граѓаните, бидејќи монетарната политика на земјата е дефектна.

„Ги штити увозниците, трговците, извозниците на суровини и полуфабрикати и банкарите, но не претприемачите, а за да се развие една економија, за да пораснат платите треба да се развива претприемништвото, треба да се пушти флуктуирачки курс на денарот, тука лежи зајакот“, вели Витанов.

Македонија според истражувањето има просечна плата од 345 евра, како што наведува и Државниот завод за статистика. Словенија е на првото место со 1002 евра, потоа следува Хрватска со 730 евра, а на претпоследното место пред Македонија се наоѓа Косово со просечна плата од 368 евра.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG