Достапни линкови

logo-print

Со избори не се решава криза предизвикана токму од избори


ВМРО-ДПМНЕ планира со избори да ја решава политичката криза. СДСМ, пак, најавува дека нема да учествува на нив, ако не ги организира техничка влада.

СДСМ нема да учествува на избори ако тие не се организирани од техничка влада, прашање поради кое всушност е блокиран политичкиот дијалог. ВМРО-ДПМНЕ, пак, токму со избори по се изгледа ќе се обиде да ја надмине политичката криза која дополнително се разви по неуспешна средба на Груевски и Заев на која и двајцата останаа на своите позиции, едниот за неприфаќањето на техничка влада, а другиот на инсистирањето да се формира и да ги организира избори.

Повеќе од очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нити има желба, нити има намера да ја разреши политичката криза. Ако е тоа начинот на кој мислат дека ќе се надмине кризата, тоа нема да направи ништо друго освен што ќе ја продлабочи кризата.

Имено, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вчера рече дека ако пратениците од опозицијата предводена од СДСМ не се вратат во парламентот, не ја исклучуваат можноста во ноември да се распишат предвремени парламентарни избори за испразнетите 31 пратеничко место. Тој ова го оправда со тоа дека течеле уставните рокови и оти морало да се стави крај на политичката криза.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, пак, вели дека со ова практично воопшто и нема да се надмине ваквата ситуација.

Доколку има избори во блиска иднина, тоа би било како резултат на опозициското делување, а не како желба на владејачкото мнозинство.

„Повеќе од очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нити има желба, нити има намера да ја разреши политичката криза. Ако е тоа начинот на кој мислат дека ќе се надмине кризата, тоа нема да направи ништо друго освен што ќе ја продлабочи кризата. Ние, и на јавноста и е познато и многу јавно и транспарентно ги истакнавме петте барања коишто треба да бидат исполнети со цел да се надмине политичката криза“, вели Шилегов.

Пратеникот од ДУИ Артан Груби вели дека тие се подготвени во секое време за предвремените избори, но дека било време да се работи и да се решаваат многу битни прашања.

„Сметам дека одговорноста за какви било избори што би се организирале во ноември или во блиска иднина лежи во опозициските редови, посебно во нивното одбивање да ги прифатат нивните мандати добиени на фер и демократски избори и да ги претставуваат граѓаните во Собранието на Република Македонија, така што сепак, и доколку има избори во блиска иднина, тоа би било како резултат на опозициското делување, а не како желба на владејачкото мнозинство“, вели Груби.

Инаку кризата почна во април откако опозицијата по одржаните избори рече дека не ги признава резултатите поради нелегитимност и дека ќе го бојкотира собранието.

Аналитичарот Алберт Муслиу се надева дека во меѓувреме ќе се нашло решение меѓу власта и опозицијата оти во спротивен случај ќе имало комплетно, но не и собрание со демократски капацитет.

„Предвремени избори за испразнетите места мора да има, тоа е законска норма, ако тие не се пополнат во меѓувреме од листите на опозициските партии и тоа ќе ја пополни законската процедура, но секако нема да ја исправи политичката криза, туку секако ќе ја продлабочи, затоа што нема да има можност опозицијата ни да се врати во парламентот, затоа што претпоставувам дека ако не учествуваат во работата на парламентот, тогаш нема да учествуваат ни на предвремените избори“, вели Муслиу.

По период ма застој барем во јавноста во дебатите околу бојкотот на опозицијата, деновиве претседателот на собранието Трајко Вељаноски рече дека одложувањето на расправата за верифицирање на оставките на пратениците од опозицискиот блок нема да траела вечно. Тој нагласи и оти осми октомври е краен рок до кој, ако опозицијата не се одважела да се врати во парламентот, седницата ќе била свикана веднаш.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG