Достапни линкови

Кантатата „Ла МаМа“ е претстава што ја слави индивидуалноста


Прес-конференција за претстојното 39. издание на Млад отворен театар.

Прес-конференција за претстојното 39. издание на Млад отворен театар.

Триесет и деветтото издание на Младиот отворен театар ќе започне со изведбата на Оф-Бродвејската кантата „Ла МаМа“, проектот што Елизабет Свадос и го посвети на легендарната Елен Стјуарт, нејзината страст, дух и визија и со претстава што пред сè ја слави индивидуалноста. Билетите за шоуто се поодамна распродадени, а организаторите на Фестивалот – луѓето од Младинскиот културен центар од Скопје знаат да кажат дека со ова гостување се остварува нивниот дамнешен сон.

Она што сметам дека е главната порака што се обидуваме да ја пренесеме е дека сите треба да ја славиме индивидуалноста, а во исто време треба да бидеме свесни дека ние имаме една заедничка цел – преку уметноста да се обидеме да комуницираме и да станеме поблиски.

Секогаш кога ќе се најдеме во некоја состојба на конфликт да се сетиме на тоа дека сите ние сме едни исти луѓе што може лесно да се разберат и да се обидеме да ги решиме таквите недоразбирања на мирен начин.

Вака Стар Базби, една од пејачките и актерките кои се обидуваат да толкуваат различни сегменти од личноста на Елен Стрјуарт, оснивачката на њујоршкиот театар „Ла МаМа“, ќе го започне своето кажување за пораките што ги донесува кантатата што композиторката и режисерката Елизабет Свадос ја постави на сцената како посвета на својата менторка.

„Секогаш кога ќе се најдеме во некоја состојба на конфликт да се сетиме на тоа дека сите ние сме едни исти луѓе што може лесно да се разберат и да се обидеме да ги решиме таквите недоразбирања на мирен начин. Преку уметноста. Преку уметничкиот израз. Инаку Елен Стрјуарт со своето дело остави многу јасни и значајни пораки, но јас лично би сакала да ја потенцирам токму индивидуалноста“, дополнува Базби, во пресрет на изведбата на претставата на отворањето на годинешното 39-то издание на МОТ.

Со безмалку идентично размислување е и Престон Мартин, кој, како што и самиот вели, „колку чудно и да звучи и тој го толкува ликот на Елен Стрјуарт“. Уметникот појаснува дека стиховите од песните што тие ги интерпретираат во претставата ја одразуваат пораката дека треба неминовно да се слави токму индивидуалноста. Вели дека во нив е поместена нејзината радост, нејзината страст, веселиот хумор, нејзината сила во борбата за надминување на расната дискриминација, заложбите за економска правда и надминување на политичките судири, се со цел да се создаде свет на театарот кој ќе продолжи да биде светилник на уметниците од целата земјина топка.

Една од основните пораки што ги пренесува Елен Стјуарт е да ја развиваме уметноста преку љубовта. Притоа додека трае перформансот, кога јас и се обраќам на публиката очекувам со иста мера да ми возврати и таа и нималку да не ме осудува за мојата индивидуалност.

Сепак, Мартин потенцира дека нему најголем впечаток му оставило Елизабетиното инсистирање дека не треба да се бара извинување за индивидуалноста и дека, всушност, секој сопственото уметничко кредо треба да го развива преку љубовта кон уметноста. Притоа, како што нагласува, треба да биде отворен и искрен и кон себе и кон останатите.

„Една од основните пораки што ги пренесува Елен Стјуарт е да ја развиваме уметноста преку љубовта. Притоа додека трае перформансот, кога јас и се обраќам на публиката очекувам со иста мера да ми возврати и таа и нималку да не ме осудува за мојата индивидуалност. Да не ме тера да се извинувам за моите емоции, за постапките. Знам дека на таквиот начин може да се постигне неопходната интеракција и да се разбереме како луѓе.“

Инаку Базби и Мартин и припаѓаат на трупата во која што настапуваат и Рашел Дади, Рои Хартрамп, Том Хенес, Алиша Олатуја, Моли Хагер и Хана Витни и која Свадос, по смртта на Стјуарт во 2011 година, специјално ја формирала за изведбата на кантатата. Тие, според зборовите на Каори Фуџијабу, се само еден сегмент од прочуениот Оф-Бродвејски театар „Ла МаМа“ кој е основан во 1961 година и кој и во други прилики во различно формации и со различни проекти гостувал на Балканот. Така, како што вели таа, последен пат во Македонија тие биле во 1997 година кога го претставиле „Најголемото шоу на планетата земја“, а со „Ла МаМа кантата“ во Скопје доаѓаат по настапите во Италија, Хрватска и во Србија, по што патуваат во Истанбул и потем назад во Њујорк.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG