Достапни линкови

Угнетено правото на штрајк!


Илустрација. Раководството на СОНК.
Илустрација. Раководството на СОНК.

Во Македонија одамна не се одржал некаков протест без силни притисоци врз оние кои сакаат да протестираат или без контра протест, велат активистите за работнички права. Така е во случајот со најавениот за 29 септември протест на членовите синдикатот за образование – СОНГ. Во Македонија власта не сака штрајкови.

Синдикатот за образование, наука и култура најави генерален штрајк за 29 септември. Но иако, како што е наведено во повикот, присуството е задолжително за сите членови, веќе има најави дека протестот нема да ја добие поддршката од регионалната организација во Охрид. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека станува збор за чиста политика и притисок врз синдикалното членство.

Тогаш веќе стапуваме на терен на кој политичките партии во Македонија не се спремни да се справуваат, токму поради фактот што најуспешна битка што политичките елити ја извојуваа од осамостојувањето досега е да го угнетат правото на штрајк на работниците.
Артан Садику, Левичарско движење Солидарност.

Артан Садику од Левичарското движење „Солидарност“ вели дека спроведувањето притисоци врз оние кои организираат или учествуваат во протести не е ништо ново.

„Тогаш веќе стапуваме на терен на кој политичките партии во Македонија не се спремни да се справуваат, токму поради фактот што најуспешна битка што политичките елити ја извојуваа од осамостојувањето досега е да го угнетат правото на штрајк на работниците и гледаме дека правото на штрајк од страна на работниците досега не било практикувано“, вели Садику.

Наместо штрајковите да ѝ послужат да ги воочи проблемите и соодветно и навремено да реагира на тие проблеми, власта всушност се обидува да ги поттурне под килимче.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

Професор Мирјана Најчевска вели дека политичките притисоци на власта за неизлегување на протести ќе бидат успешни само ако синдикатите го дозволат тоа. Според неа, уште полошо е што на тој начин власта ќе создаде тензии.

„Наместо штрајковите да ѝ послужат да ги воочи проблемите и соодветно и навремено да реагира на тие проблеми, власта всушност се обидува да ги поттурне под килимче, како што велиме, и на тој начин тие само ќе се кумулираат додека во одреден момент не избијат на површина на најнесоодветен и најпроблематичен начин“, вели таа.

Најчевска додава дека мора да дојде до поврзување на синдикалните организациите со цел да се солидаризираат меѓу себе на протестите.

„За да се покаже преку солидарност дека не смее државата на таков начин да ги прекршува основните права и слободи“, вели Најчевска.

Не е прв пат некој од синдикатите да се жали за притисоци од власта со цел да не се излага на протести. Таков беше примерот со штрајкот на лекарите, кои се пожалија дека од нив се бара да се потпишат изјави дали се за или против штрајкот. По нивното завршување, претседателот на синдикатот, доктор Дејан Ставриќ, заврши во затвор, по што во јавноста се појавија коментари дека неговото апсење е политички мотивирано.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG