Достапни линкови

Косово: Уапсени имами, осомничени за екстремизам


Меѓу уапсените - Шефкет Красниќи, имам на Големата џамија во Приштина.
Меѓу уапсените - Шефкет Красниќи, имам на Големата џамија во Приштина.

Косовската полиција потврди дека денеска уапсила 15 лица, под сомневање дека сториле кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Косово.

Полицијата ги објави само иницијалите, годините на раѓање и местото на живеење на уапсените, но косовките медиуми јавуваат дека меѓу приведените е имамот на Големата џамија во Приштина, Шефкет Красниќи, лидерот на Исламското движење за обединување, Фуад Рамиќи, имамот од Пеќ, Енес Гога и имамот од Митровица Енис Рама. Конфискувани биле и материјални докази против уапсените.

Голем број од тие организации се прогласени за терористички од страна на меѓународната заедница и како такви се сметаат и на Косово.

Властите во Приштина, преку соопштение, им обрнуваат внимание на граѓаните на Косово дека ќе се соочат со одговорност сите оние кои ќе им се приклучат на сомнителни организации кои дејствуваат во Ирак и во Сирија.

„Голем број од тие организации се прогласени за терористички од страна на меѓународната заедница и како такви се сметаат и на Косово“, се вели во соопштението.

Портпаролот на Исламската заедница на Косово, Ахмет Садриу изјави за Радио Слободна Европа дека тие се загрижени поради приведувањето на имами во полиција, но додаде дека никој не може да биде над законот и оти институциите треба да си ја работат својата работа.

Американската амбасадорка на Косово, Трејси Ан Џекобсон, на Твитер напиша: „И овој пат му честитам на Косово на про-активниот пристап против странските борци и екстремизмот“.

Инаку, минатиот месец, косовската полиција исто така спроведе акција против осомничени екстремисти, при што уапси околу 40-мина осомничени за регрутирање млади луѓе за да се борат во Ирак и во Сирија. Притоа беше запленето и поголемо количество оружје муниција и експлозив.

Се проценува дека околу 200 косовски албанци се борат на страната на екстремистите во Сирија и во Ирак, а досега во борбите загинале 16 од нив.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG