Достапни линкови

Казните не ги спречија младите да одат во Сирија и Ирак


Милитанти од Исламската држава.

Милитанти од Исламската држава.

Млади луѓе од Македонија продолжуваат да одат во странски паравојски и покрај казните. Финансискиот мотив и натаму е најпресуден.

Tрендот на одење на млади луѓе од Македонија во редовите на Исламската држава во Сирија и Ирак продолжува и покрај неодамна донесениот закон со кој се превидуваат тешки затворски казни за учество во странски паравојски и паравоени формации. Упатените велат дека оваа појава е опасна, а најпогодни за манипулација се најранливите категории.

Погодна популација за ангажирање во ваквите организации се пред се лица од економски изнемоштените семејства. Сето ова е врзано за факторот пари.

„Погодна популација за ангажирање во ваквите организации се пред се лица од економски изнемоштените семејства. Сето ова е врзано за факторот пари, што значи дека тие лица примаат надомест за школување на децата, примаат надомест за она што е предмет на договорот и после тоа заминуваат на обука во исламските земји“, вели професор Владимир Пивоваров.

Тоа што е симптоматично е крајно незаинтересираната позиција на властите и политичките партии кон ваквата појава, вели Џабир Дерала од невладината Цивил. Тоа што млади луѓе одат во крвава војна и влегуваат во една монструозна организација како Исламската држава само покажува дека нашето општество не им одговорило на нивните потреби и проблеми.

Во такви услови кога една популација се чувствува загрозено, дискриминирано... тие со години така се чувствуваат, тоа е одлично тло кадешто ќе можат да побараат и регрутни офицери на чудни формации и регрутни офицери на криминални структури, се разбира тука влегува и исламскиот радикализам.

„Во такви услови кога една популација се чувствува загрозено, дискриминирано... тие со години така се чувствуваат, тоа е одлично тло кадешто ќе можат да побараат и регрутни офицери на чудни формации и регрутни офицери на криминални структури, се разбира тука влегува и исламскиот радикализам “, изјави Дерала.

Финансискиот мотив и натаму е најпресуден за одлуката едно лице да замине во ваква опасна војна, вели професор Пивоваров. Последните неколку години организаторите земаат поголем замав на овие простори закупувајќи куќи во кои извршуваат верски обреди насочени исклучително кон регрутирање на потенцијални борци.

„Ваквите дејствија се апсолутна закана не само за Република Македонија, односно лицата кои ќе бидат вратени по завршување на тие воени дејствија, претставуваат темпирани бомби кои се наоѓаат меѓу нас.“

Пивоваров вели дека е добро што се донесе правна рамка со која се казнуваат лицата вклучени во вакви дејствија, но дека тоа само по себе не е доволно, доколку службите немаат сознанија за да може таквите лица навремено да ги спречат. Дерала пак вели дека не е воопшто едноставно да им се влезе во трагата на организаторите, но истовремено потенцира на потребата од создавање на долгорочна стратегија во која секој граѓанин ќе се почувствува како дел од останатите.

„Се работи не само за заведување на младите Албанци да одат во ИСИС, туку се работи и за одметнување од сопствената земја во која се чувствуваат многу лошо, потсвесно или свесно упатуваат апел или порака до системот.“

Според пишувањата на медиумите, половина од загинатите џихадисти биле од исто маало кај одметнатите џамии во скопската населба Гази Баба.

Месуд Мусли од Скопје беше последниот македонски државјанин кој беше убиен во престрелка во градот Басра во Ирак, со што бројката на загинати македонски државјани на боиштата во Сирија и Ирак се искачи на единаесет.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG