Достапни линкови

Четиричлено кумановско семејство живее како во затвор


Драган и Благородна Димитриевски со нивните две деца.

Драган и Благородна Димитриевски со нивните две деца.

Драган и Благородна Димитриевски од Куманово бараат каков-таков покрив над главата во кој тие и нивните деца ќе имаат мир и ќе живеат без страв дека некој од најблиските роднини ќе им наштети.

Молерофарбарот Драган Димитриевски, кој има 34 години, и неговата 29-годишна сопруга Благородна, која е болничарка, двајцата невработени, со 4,5-годишниот Лука и едногодишната Лара од кумановската населба Карпош живеат во една подрумска просторија во семејната куќа, под секојдневен притисок и страв дека родителите ќе ги исфрлат на улица.

Социјална помош ни ја укинаа бидејќи работев во оранжерии. Ги молевме од Центарот за социјална работа да дојдат да видат во какви услови живееме, да сфатат дека сум била принудена зашто спиевме на под, немавме ниту кревет, ниту шпорет.

Социјална помош не добиваат бидејќи Благородна сезонски работела во оранжерии. Единствена помош со која преживуваат е од црквата „Свети Никола“ од Куманово. Тие бараат каков-таков покрив над главата во кој тие и нивните деца ќе имаат мир и ќе живеат без страв дека некој од најблиските роднини нема да им наштети.

„Овде живееме четири-пет години. Живеевме заедно, не им одговараше, сега ни дадоа рок до Нова Година и да излеземе. Нема објаснување, освен притисок. За вода, за струја, за ништо се фаќаат. Им пречиме. Колку одбегнуваме и постојано излегуваме од тука само да нема проблеми, пак им пречиме. Сè додека не се снајдеме со работа“, вели Драган.

Колку одбегнуваме и постојано излегуваме од тука само да нема проблеми, пак им пречиме.

„Социјална помош ни ја укинаа бидејќи работев во оранжерии. Ги молевме од Центарот за социјална работа да дојдат да видат во какви услови живееме, да сфатат дека сум била принудена зашто спиевме на под, немавме ниту кревет, ниту шпорет“, вели Благородна.

Тие раскажуваат тивко, за да не им попречуваат на родителите на Драган, неговите браќа и сестри. Тие објаснуваат дека нивниот севкупен живот е само импровизација, оти во една просторија во подрумот престојува и најстариот брат на Драган, кој, како што раскажуваат, постојано е во алкохолизирана состојба.

„Алкохол му е во крвта. Нема ден да не е пијан. Малку ни се проблемите од родителите, тој во ниедно време ноќе доаѓа пијан и лупа, тропа“, велат тие.

Иако 12 години се во брак, Благородна извесен период заминала кај нејзините родители за да проверат дали нетрпеливоста е поради неа, меѓутоа притисоците продолжувале. Затоа тие пак почнале да живеат заедно, да ги споделуваат заедничките маки. Не само што не можат да обезбедат основни егзистенцијални услови за нив и за нивните мали деца, туку мораат да бегаат и од сенките на нивните најблиски. Често пати велат тие, родителите на Драган ги пријавувале во полиција и како што додаваат полицајците ги предупредувале дека ќе ги исфрлат на улица, зашто за нив нема место во куќата, ниту во подрумот. А во таа мемлива, темна и влажна просторија, со два кревета и еден шпорет дури и Лука и Лара не смеат гласно да се насмеат, да заплачат, слободно да играат. Немаат ниту мирен сон исто како и нивните родители. Иако во пространиот двор слободно шетаат домашни миленичиња, мачиња и кучиња, Лука и Лара, само со родителите на брзина поминуваат за да влезат во собата во која нема ниту доволно воздух за сите четворица.

Драган и Благородна апелираат до сите луѓе со добра волја да им помогнат да најдат каков-таков покрив над главата, мир и спокојство. За исхрана ќе се снаоѓаат, оти не одбиваат каква било работа.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG