Достапни линкови

Заев - Нема да дозволиме уште едни криминални избори


Не можеме да бидеме алиби на оваа власт за ова што ѝ го прави на нашата земја, затоа направивме сè што можеше да направиме, бевме овде и за политички дијалог, бевме и понижени во одредени моменти, сè во интерес на Македонија, но тој момент се прекрши кога станувате штетни со тоа што сте добронамерни, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Заев, речиси секое лето се најавува жешка есен за власта, но од тоа речиси не гледаме ништо. Каква е стратегијата на СДСМ сега? Како опозицијата ќе се бори против власта?

Стратегијата на СДСМ е составена од четири столба. Едниот е партнерство заедно со граѓаните, ќе го води Стево Пендаровски, вториот е „Работиме заедно“, задолжена е директно Радмила Шеќеринска, заменик претседателот на партијата, „Силна СДСМ“ е секретарската работа на секретарскиот тим и тоа е партиски ангажман, строго за билдање на капацитетот на СДСМ и опозиционите партии и четвртиот е централниот систем на комисии или опозиционите институции. Целта ни е преку сите овие активности да го подигнеме нивото на свесност во општеството, на активност на опозицијата, и да ја принудиме власта и комплетната владејачка гарнитура на испорачувања на решенија за проблемите во Македонија. Опозиционите институции треба да бидат пандан на сите државни институции, што значи дека ќе бидат силен коректив на она што власта го прави со своите институции како штети врз граѓаните во секојдневието, значи директно ќе ги адресираме сите овие проблеми и проблематични ситуации, но ќе понудиме и наши конкретни решенија за актуелните проблеми. Истовремено ќе значи многу јасна профилација на кадровскиот потенцијал на СДСМ и на опозицијата. Од тој аспект сама по себе есента ќе биде драматична, затоа што ќе има силен критички осврт кон власта за сè што не чини. Сите овие опозициони институции до најниска вертикала се повеќе од 2.500 институции, буквално да најниско ниво, до најмалата општина и само еднаш неделно адресирање за еден проблем. Тоа значи вадење пред јавноста на ниво на дебата многу крупни проблеми коишто го тиштат општеството и допираат до секое семејство, до секој граѓанин и тоа е тоа за коешто треба да дебатира нашето општество.

Груевски ве обвини дека го водите СДСМ под влијание не неколку луѓе, а вие, пак, изјавивте дека уште извесен период може да почекате за низ разговор да ги надминете проблемите. Што доколку не се најде решение?

Прво, во делот на дилемите што за жал ги отвора премиерот толку банално и толку провидно и, би рекол, со зла намера, нека го ценат неговите читатели, слушатели и гледачи. Генерално СДСМ ниту сака, ниту има амбиции да биде ВМРО-ДПМНЕ за да контролира сè во оваа општество. Ние сме демократска партија и секако добредојдени се сите пораки коишто можат да го подобрат нашето опозиционо делување, но органите и телата на партијата се тие кои ја носат одлуката.

Што доколку не го надминете проблемот? Имате ли стратегија на подолг рок?

Секако, значи нема причина да бидеме прва опозициона партија во државата, лидер на сè што е опозиционо, ако немаме стратегија за излезни решенија. Зборувам за оваа лимбо ситуација за има преговори-нема преговори, сите знаат, и малите деца, дека вака не може да опстои. Ние ќе ја расчистиме оваа работа и со нашите мандати и истовремено ќе ја принудиме власта на решение. Кој друг ако не опозицијата ќе ја принуди власта за решение за проблемите во државата. Тука се граѓаните, јавната дебата, медиумите и сите, но во ваков амбиент во кој живееме, опозицијата мора да биде најхрабра, најодважна, најрешителна и најубедена, таа аплицира да дојде на власт и да го смени она што не чини во општеството. Со сите наши конкретни решенија, на многу внимателен, на многу суптилен начин, ќе ги преземеме чекорите да ја принудиме власта кон решавање на проблемите. Не патиме и не плачеме ние да станеме власт и да делиме власт со Груевски, власта се добива на избори, а за нас последните ниту беа фер, ниту беа регуларни избори. Затоа тенденциите се да создадеме врв на демократијата, слободно изразена волја на граѓаните на избори, но во секој случај сме силна партија, со огромни структури и имаме намера, пред сè во интерес на државата, како што е ред насекаде во светот, по пат на дијалог да ги решаваме проблемите. Доколку не, проблемите мора да се решат, тогаш ќе одиме на поинаквиот начин. Тој поинаков начин е адресирање на одредени чувствителни работи во општеството кои оставаат една дебела срамна нишка врз Македонија направена од оваа власт, а ќе биде доволна причина власта да реши проблеми во државата.

Во меѓувреме останувате надвор од парламентот. Впечатокот е дека странците не ве поддржуваат многу во идејата да останете надвор од парламентот. Ви советуваат ли да се вратите?

Странците не нè ни притискаат да се вратиме во парламентот. Странците што се долги години тука, на тие што не им почнал мандатот од некни, тие знаат која е сторијата на парламентот во Македонија. Само да потсетам, СДСМ на двапати се враќаше безусловно во Собранието. Дојдов на местото претседател на партијата во јуни 2013 година, нашиот парламентарен опозиционен состав беше во комисиите, но не учествуваше на пленарните седници. Иако имам големи критики во партијата дека не треба да му верувам на Никола Груевски, дека не вреди политичкиот дијалог, ние прво се вративме на пленарните седници, после макотрпни дебати со пратеничкиот состав се убедивме дека треба да дадеме шанса заради Македонија и го направивме тоа. Втората работа отворивме дијалог и донесовме извештај за настаните до 24 декември, за да ја испратиме пораката и дома и надвор дека повеќе нема да се повтори, а ВМРО-ДПМНЕ пред очите на целата јавност го нарече палома хартија, стави фусноти каде што имаше набљудувачи од ЕУ, само по себе денеска ги гледам рефлексиите од таквиот извештај, оти таму имаше обврска какво ќе биде идното однесување, еве какво е со ДПА во моментов го гледате во парламентот. И покрај тоа продолживме да даваме шанса, па седнавме и отворивме дебата за избирачкиот список, односно за избирачкиот закон. Не беа исполнети сите наши очекувања, но најдовме средина, се договоривме. Но, секогаш јасно и гласно нотиравме во јавноста дека уште едни криминални избори нема да дозволиме, не можеме да бидеме алиби на оваа власт за ова што ѝ го прави на нашата земја, затоа направивме сè што можеше да направиме, бевме овде и за политички дијалог, бевме и понижени во одредени моменти, сè во интерес на Македонија, но тој момент се прекрши кога станувате штетни со тоа што сте добронамерни. Во моментот ако ние безусловно се вратиме во парламентот, прашањето е што ќе се случи со нашите пратеници како напредна фаза на забеганото делување на власта.

Опозицијата со години тврди дека се уназадуваат демократските процеси во Македонија, дека нема слобода на медиуми, дека назадуваме на патот кон ЕУ и НАТО, но ВМРО-ДПМНЕ повторно победува на изборите. Има ли проблем во опозицијата? Ги промашува ли темите коишто вистински допираат до народот?

Мислам дека сме јасно профилирани во јавноста и не е проблемот до опозицијата. Прво, нема ни блиску до фер и демократски избори. Нашиот систем на мало општество, вака контролирано од страна на власта испорачува сè што сака Груевски да испорачува, тоа не е ниту слобода, ниту демократија.

Како вие ќе се борите против тоа?

Продолжуваме да се бориме затоа што нема кој друг да се избори примарно. Секој си води своја борба на свој начин. Медиумите за повеќе простор и слобода за дејствување, работникот за повеќе работнички права, секој граѓанин за повеќе слобода и демократија, но ние сме првоповикани како опозиција и апсолутно вадејќи ѝ на показ на јавноста кои се деталите за уништените демократски вредности, слобода, владеење на правото, правната држава, медиумите, партизираната администрација, сè што е слабост, уништената финансиска компонента на опстојување на Македонија и слично, ќе ги доловиме до показ, до детаљ до колку што може поголем број на граѓани со ваков медиумски простор каков што имаме, вклучително со нашата стратегија да допреме до секого во Македонија.

Господине Заев, две од пратеничките коишто ги кандидиравте не ја послушаа вашата партиска одлука за бојкот на парламентот и одлучија да станат пратенички. Чувствувате ли лична одговорност за кандидирањето?

ВО СДСМ во делот на изборот на кандидатите на листите се спроведуваше апсолутно демократска процедура по пат на дебата да издвоиме можност она што е со најголем рејтинг, најголема поддршка да биде вградено во листите како конечен придонес кон вкупниот број на гласови. Тоа е таа процедура којашто е пропишана со Статутот на партијата. И јас и органите не можеме да избегаме од нашата одговорност за одлуките што сме ги носеле, но сепак одговорноста пред сè е лична на овие личности што ги споменавте, наши поранешни кандидатки на листите, тие повеќе не се од СДСМ. Ова го кажувам не за да бегам од одговорноста, одговорноста секако е прво моја, а после и на сите учесници во носењето на одлуките надолу, но на крајот ако искрено се водите оној што е највисок рејтинг да го ставите на листата, тоа не значи дека треба да го контролирате и по душа и по карактер до крај.

Постојано нагласувате дека власта е одговорна за решавање на проблемот за името и дека таа ги има вистинските и релевантни информации околу тоа да каде е процесот на разговори, но како лидер на најголемата опозициска партија имате контакти со странците, претпоставувам дека ве информираат. Имате ли некакви сознанија, до каде е прашањето за името, може ли да се очекува решение?

Не би смеел да калкулирам со можности за решавање на овој горлив проблем. Морам да потенцирам дека на нас како СДСМ и на опозицијата примарни цели ни се целосна НАТО интеграција и почеток на преговори со ЕУ. Информации добиваме, не само од меѓународните амбасадори, еве и Али Ахмети рече дека Груевски прифатил Горна Македонија, но тоа не се информации какви што треба да има најголемата опозициска партија, посебно не за вака важно прашање. Многу често, нè затекнавте и вие како медиуми и целата наша јавност, како испраќаме охрабрувачки пораки кон власта храбро да пристапи кон овој чекор. Не сме со ништо повикани за тоа, исклучиво од вербата дека може брзо да станеме членка на НАТО и на ЕУ и да го направиме посреќен животот и секојдневието на нашите сограѓани, таа е нашата водилка. Ниту еднаш премиерот не најде за сходно на сите овие средби да даде барем минимум информации. Јас не знам, ако се решава овој проблем, како ќе се бара поддршка од опозицијата. Како е практично возможно опозицијата да даде поддршка на евентуално решавање на проблемот, дај Боже да го има, кога не сте подготвени. Мора да им објасните на своите органи и тела, на своите членови, на своите поддржувачи зошто давате поддршка, а сакам да поддржам. Прво, јас сум граѓанин на Македонија и како секој наш граѓанин сум свесен дека нашите позиции ќе бидат многу посилни и ќе гарантираат многу побезбедна ситуација за Македонија во овие преговори ако има консензус меѓу власта и опозицијата, макар и таен, не мора да е јавен. За Македонија е исправно така, тоа се прашања коишто мора да ги решиме заедно.

Решлив ли е овој проблем според СДСМ? Како СДСМ би го надминала овој проблем?

Прво, проблемот се решава со градење консензус во државата во нешто во коешто верувате. Јас до ден денеска верувам дека нема родено Македонец којшто не го боли своето потекло, своето минато, својот дигнитет, чувството дека си роден и треба да живееш како Македонец и апсолутно ако ние ја изгубиме нашата препознатливост, тогаш чуму е членувањето и што се важни другите придобивки? Знам дека има едно ниво на коешто сите стојат во државата, вклучително и албанските политички партии, но бадијала ако тоа не го градиме дома. Ако изградиме консензус, ако дебатираме на оваа тема, ако по демократски постапки ја подготвиме и нашата јавност и ние лично како политичари и граѓаните ќе бидат спремни која е нашата црвена линија.

Која е црвената линија на СДСМ?

За ова прашање во последно време не разговараме, заради тоа што стигнуваат сигнали за можно решение и не би сакал да бидам дополнителна причина за решавање или за нерешавање на овој проблем. Многу често СДСМ се има експонирано на оваа работа. Апсолутно кажав, моето потекло, моето минато е Македонија, јас сум Македонец, зборувам македонски јазик.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG