Достапни линкови

Македонскиот „Експериментален цртеж“ во Палатата Луцерна во Прага


Шеесетина уметници, членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе се претстават на изложбата „Експериментален цртеж“, што од 15 септември годинава и во наредните три недели, ќе се одржи во познатата Палата Луцерна во Прага. Станува збор за поголем проект со кој ќе бидат одбележани двете децении од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу нашата земја и Република Чешка.

Ангел Димовски – Чауш, Беди Ибрахим, Зоран Поповски, Ирена Паскали, Касиопеја Наумовска, Коле Манев, Маја Кировска, Милош Коџоман, Наташа Милованчев, Петра Јовановска, Владимир Георгиевски, Тања Балач, Тони Васиќ, Филип Фидановски и Шчипе Мехмети се само некои од шеесетината македонски творци, членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, чии дела ќе се најдат на изложбата „Експериментален цртеж“, што овој понеделник, на 15 септември, ќе биде отворена во Палата Луцерна во Прага.

Самата изложба е всушност еден сублимат на микс на техники кои што се поврзани со цртежот како сликарството, скулптурата, графиката, графитот, дигиталната уметност.

Станува збор за шеста постановка под ова име и прва која што се случува во странство и, конечно, прв вистински поголем проект на најстарото и најбројно ликовно здружение кај нас по онаа славна изложба на ДЛУМ во Париз во 2008 година (кога патем учествувале 107 автори). Со овој проект, зад кој стои Министерството за култура, наедно ќе биде одбележан еден значаен јубилеј – 20 години од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу нашата земја и Република Чешка.

Секоја реализација на еден ваков проект, на една ваква голема изложба, ни помага и нам како на институција што трае повеќе од 68 години, во отелотворување на сите оние замисли што планираме да ги реализираме во еден догледен временски период.

„Самата изложба е всушност еден сублимат на микс на техники кои што се поврзани со цртежот како сликарството, скулптурата, графиката, графитот, дигиталната уметност. Таа всушност го доловува сопствениот идентитет на уметниците да се претстават со едно самосвојно видување на употреба на цртежот. Овде наедно има примери на третирање на принтот, на фотографијата, кои што нормално со една електронска обработка го дават крајниот резултат како цртеж. Презентираниот материјал нуди различни пристапи кон современиот цртеж во кои тој не е ограничен на скица, туку се развива во нови варијации, почнувајќи од молив на хартија, до концептуални пристапи. Со здобивањето на нов статус цртежот ја потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми“, истакнува Сергеј Дамовски, претседател на ДЛУМ.

Тој дополнува дека Палата Луцерна се смета за еден од култните културни центри во срцето на чешката метропола и дека навистина ќе биде убаво тамошната публика да го види она што во доменот на цртежот го работат дел од македонските уметници. Вели дека секое вакво творечко претставување надвор од земјата е плодотворно не само за ДЛУМ туку и за самите уметници кои со свои дела учествуваат на изложбата.

„Бенефитот самиот по себе од една ваква изложба каква што е „Експериментален цртеж“, а која што ќе се одржи во Прага е едно големо искуство за ДЛУМ и нормално, дај Боже, една друга презентација во иднина, а која што ќе произлезе од започнатата соработка. Секоја реализација на еден ваков проект, на една ваква голема изложба, ни помага и нам како на институција што трае повеќе од 68 години, во отелотворување на сите оние замисли што планираме да ги реализираме во еден догледен временски период. Ни помага, пред сè, во настапот пред тие славни европски фондови. Конечно сето тоа влегува во нашето портфолио што го прави ова Здружение многу посериозно отколку што е на хартија“, вели Дамовски.

Во контекст на меѓународната и посебно на регионалната соработка, актуелниот претседател на ДЛУМ, за наредниот период најавува потесни врски на повеќе нивоа со здруженијата на ликовни уметници од Србија и од Босна и Херцеговина кои треба да резултираат и со нивен заеднички настап во барањето на средства за значајни ликовни проекти.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG