Достапни линкови

Струшка музичка есен со дебати за музиката и образованието


Од 12 до 14 септември, во хотелот „Бисер“ во Струга, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, ќе се одржи 39-то издание на Меѓународната културно-научна манифестација „Струшка музичка есен“ на која годинава централна тема е „Музиката и образованието“.

Годинашново 39-то издание на Меѓународната културно-научна манифестација „Струшка музичка есен“, единствената платформа која на годишно ниво ги третира сите прашања поврзани со науката, теоријата и практиката на музичката и танцовата уметност во Македонија, ќе му биде посветено на музиката и образованието. Тоа подразбира дека, музиколозите, музичките и балетските педагози, музичките теоретичари, медиависти и етномузиколозите, од 12 до 14 септември, ќе се обидат да направат анализа на интензивните промени кои ги зафатија музичкото и танцовото образование на сите нивоа во земјава.

Дали треба да образуваме емпатични академски граѓани кои ќе бидат коректори на општествените текови или нам ни требаат да произведеме луѓе кои ќе имаат само вештини и знаења од областа на уметноста?

М-р Ивона Опетческа Татарчевска, селектор на програмата на Манифестацијата, забележува дека оваа актуелна тема се наметнала сама по себе бидејќи по 20-тиот век кога уметничките дисциплини беа во центарот на вниманието на образованието и беа третирани како клучни во едукацијата на демократски изградените граѓани, сега погледот кон овој вид образование почна да се насочува кон продуцирање на економски исплатливи образовни профили.

„Одлучивме за генерална тема да го земеме Македонското музичко образование сè со цел да отвориме некои горливи прашања. Да прашаме зошто ни се потребни уметничките профили? Дали треба да образуваме емпатични академски граѓани кои ќе бидат коректори на општествените текови или нам ни требаат да произведеме луѓе кои ќе имаат само вештини и знаења од областа на уметноста?“, вели Опетческа Татарчевска.

Станува збор за клучна, исклучителна личност која на нашиот народ му даде огромно културно наследство. Неговото културно наследство, покрај тоа што е наше, претставува и универзален, цивилизациски принос. Тој е автор на базичната музичка литература Источно црковно пеење во четири тома и на повеќе оригинални композиции.

Таа дополнува дека безусловното прифаќање на големите образовни проекти како имплементацијата на Болоњската образовна декларација и Европскиот кредит систем, или деветолетката во основното образование, со сите нивни позитивни и негативни страни, само допринеле да се намали критичката моќ на уметностите, вклучително и на музичката, кон глобализациските процеси и мега авторитативните зафати. Токму и затоа, како што вели, по прв пат заедно на заедничка конференција ќе се обединат СОКОМ и Здружението на музичките теоретичари од земјава за да отворат дискусија за овој горлив проблем.

Инаку, како и секоја година, „Струшка музичка есен“ ќе одвои простор за трудовите со кои што ќе се одбележат јубилеите на повеќе македонски композитори како Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Глигор Смокварски, Ладислав Палфи, Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ и Гоце Коларовски.

Но она што му дава посебен белег на годинашново издание на манифестацијата е атрактивната изложба и беседа во чест на ликот и делото на енциклопедиски образованиот и задлабочен подвижник, теолог, музиколог и филолог, архимандритот Калистрат Зографски. Настанот е по повод 100–годишнината од неговата смрт и ќе се одржи во Н.У Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Како иницијатор и автор на изложбата се јавува д-р Димитар Кумбаровски, професор во Средното музичко училиште „Тодор Скалоски – Тетоец“.

„Станува збор за клучна, исклучителна личност која на нашиот народ му даде огромно културно наследство. Неговото културно наследство, покрај тоа што е наше, претставува и универзален, цивилизациски принос. Тој е автор на базичната музичка литература Источно црковно пеење во четири тома и на повеќе оригинални композиции, а како редактор на зоографската издавачка дејност и како брилијантен познавач на повеќе класични јазици меѓу кои и старограчкиот прв пат ги преведува службите на Свети Климент и Свети Наум од старогрчки на црковнословенски запишани во познатиот Москополски кодекс“, вели тој.

Кумбаровски дополнува дека во рамките на изложбата ќе бидат изложени експонати кои што се чуваат во семејната ризница на фамилијата Санџакоски кои се потомци на архимандритот Калистрат Зографски, некои документи и ракописи кои укажуваат на фактот дека се работи за значајна личност од областа на музичката уметност, филологијата и културата воопшто.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG