Достапни линкови

Купување политичка наклонетост со задложување


Србија крати плати и пензии, Македонија се движи натаму. Јавниот долг на Србија е 63 отсто, а на Македонија надминува 50 отсто од БДП-то. Белград троши 15 до 20 отсто повеќе од што прибира, Скопје скоро 13 отсто. За плати и пензии Србија троши 11, односно 14 отсто, а Македонија по околу 13 отсто од буџетот.

Македонија несомнено се движи по истиот пат на зголемување на долгот по кој се движеше и Србија и ако продолжи со истата економска политика, не е далеку денот кога ќе стигне на истото место, вели поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев.

Не можете постојано да купувате политичка наклонетост со задолжување на тие на коишто сакате да им ја купите политичката наклонетост. Значи, ги купувате преку нивно задолжување. Таа манипулација има крај еден ден и ако се движиме вака тој крај не е далеку.

Српските медиуми објавија дека Меѓународниот монетарен фонд бара од Владата во Белград да ги намали средствата наменети за пензии и за плати на вработените во јавниот сектор за 10 проценти. Весникот „Блиц“ наведува и дека Фондот бара смалување на јавниот долг на Србија во следните три години, како и воведување на мерки за штедење, имајќи предвид дека во изминативе години Белград троши 15 до 20 отсто повеќе средства отколку што прибира. ММФ за кај нив не инсистира на ниту една конкретна мерка, но наведува дека не гледа начин за избегнување на криза со јавниот долг во следните три години, доколку државата продолжи да троши 11 отсто од вкупните буџетски средства за плати во државниот сектор и 14 проценти за пензии, објави белградски „Блиц“.

Велешките пензионери во декември 2012 мирно протестираа за донесување на буџетот за 2013 година.

Велешките пензионери во декември 2012 мирно протестираа за донесување на буџетот за 2013 година.

Македонската влада, според предложениот ребаланс за годинава ќе потроши 12,6 отсто повеќе пари отколку што ќе прибере од даноци и други давачки. Се предвидува за плати и придонеси да се потрошат 383 милиони евра, што е 13,5 отсто од вкупните расходи во буџетот. За пензии, односно за трансфери до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување одат 374 милиони евра, односно 13,1 отсто од вкупните буџетски расходи.

Гошев вели дека ваквите економски политики се неодржливи на долг рок.

„Ако итно и радикално не се променат политиките, даночни, расходни, економски, социјални политики, нема друго. Не можете постојано да купувате политичка наклонетост со задолжување на тие на коишто сакате да им ја купите политичката наклонетост. Значи, ги купувате преку нивно задолжување. Таа манипулација има крај еден ден и ако се движиме вака тој крај не е далеку“, вели Гошев.

Шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија, Ивана Владакова Холар, во мај годинава, изјави дека среднорочната фискална стратегија што ја изготви Владата треба да биде придружена со Стратегија за управување со долгот.

Јавниот долг на Србија е околу 63 отсто од БДП-то. Државниот долг на Македонија достигна 40,8 отсто од БДП-то. Министерството за финансии од 2009 година престана да ги објавува податоците за јавниот долг. Во последната оценка на ММФ беше посочено дека вкупниот јавен долг на Македонија изнесува 44,8 отсто од БДП, но во ова мерење не беше вклучено новото задолжување од 500 милиони евра по основ на евро-обврзница. Со тоа задолжување јавниот долг надминува 50 отсто од БДП-то. Јавниот долг се состои од државниот долг плус гарантираниот долг на јавните претпријатија, како и долгот на јавните претпријатија за кој не е издадена државна гаранција.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG