Достапни линкови

logo-print

Бадијала им се пасошите на Ромите кога не може да излезат од земјава


Сè почест е бројот на граѓани од ромска националност, кои само поради фактот што се Роми се спречени да ги напуштат границите на државата, велат во невладината РОМА С.О.С.

Прилепчанецот Алил Ристемоски е разочаран од односот на македонската гранична полиција, која што вели не му дозволила да патува во Минхен да си ги види внуците, синот и снаата. Ги подготвил сите документи, пасошот и со радост тргнал на пат. Но, кога стигнал на македонскиот граничен премин, без посебно образложение му било кажано дека не може да ја напушти државата.

Бев и во МВР, пасошиве слободно им ги оставив на маса, реков другари не ми требаат пасоши, зашто, реков, немаме ние право за патување изгледа.

„Еве ги картите лично, сведоци, сè, ме вратија од граница, не знам зошто, плус бев и во МВР, пасошиве слободно им ги оставив на маса, реков другари не ми требаат пасоши, зашто, реков, немаме ние право за патување изгледа. Зошто нè враќаат, дали ги пазат овие што си одат, да речеме другиве луѓе,тие слободно нека си водат евиденција за нив, ама ние си имаме таму наши деца“, реагира Ристемоски.

Појдов значи плачев, се молев на секаков начин, отворам багаж за да видат дека имам навистина ствари за бебе, со тоа можев да докажам, документи во раце, сè, еве ги и на лице место се тука. Но, никој ништо не сакаше да ме ислуша.

Сè уште е вознемирена од третманот на граничната полиција и Филибе Емрулоска. Бидејќи таа тргнала на пат, со намера да им помогне на синот и снаата околу чување на тукушто роденото бебе во Виена.

„Појдов значи плачев, се молев на секаков начин, отворам багаж за да видат дека имам навистина ствари за бебе, со тоа можев да докажам, документи во раце, сè, еве ги и на лице место се тука. Но, никој ништо не сакаше да ме ислуша. А, по една недела морам да се снаоѓам од авионска карта, од што имав лично моја потреба, да одам кај синот, зашто беше снаата предвреме породена со царски рез, што вистински им требав на децата, а тоа не ми го дозволија нашите на граница“, се жали Емрулоска.

Од невладината организација РОМА С.О.С. од Прилеп велат дека сè почест е бројот на граѓани од ромска националност, кои само поради фактот што се Роми се спречени да ги напуштат границите на државата. Велат на овој начин се врши чиста дискриминација врз Ромите. Во јуни годинава, потенцираат од оваа невладина, со одлука на Уставен суд се укинуваат два члена од Законот за патни исправи, бидејќи неуставно е одземањето на патните исправи на Роми, по претпоставка дека се баратели на азил.

„Во мај 2014 година е донесена прва судска пресуда со која се потврдува дискриминација кај Ром, кому му е оневозможено излегување надвор од територијата на Република Македонија по претпоставка дека истиот е барател на азил. Бројот на ваквите случаи континуирано се зголемува, со што се потврдува системска дискриминација кај Роми, со тоа што им се ограничува правото на слободно движење“, вели Џенгис Бериша од РОМА С.О.С.

Од граничната полиција велат дека Македонија не се смета за ризично подрачје. А, фактот што најчести баратели на азил се граѓани од ромска националност, се причини поради кои не им се даваат дозволи, да ја напуштат државата.

„Со измените во Законот за патни исправи и на Кривичниот законик предвидено е и кривично дело за злоупотреба на визната либерализација, па може да се соочат и со санкции. Доколку има повторување на делото може да им се изрече и казна затвор во траење до четири години“, посочува Јане Толев, самостоен инспектор за прекуграничен криминал и миграции во регионалниот центар за гранични работи Југ.

Тој истакнува дека постојат организирани групи кои со лажни ветувања за азил ги носат Ромите во европските држави, а при тоа им наплаќаат голема сума пари уште додека се овде.

Во секој случај во иднина, со добра едукација на граѓаните и почитување на законската регулатива сите веруваат дека ваквите случаи ќе се сведат на минимум.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG