Достапни линкови

Милановиќ - Не можеме да ја натераме Грција да ги промени ставовите


Не го поддржувам тоа што Грција го прави, но ние не можеме да ја натераме да ги промени своите ставови, вели хрватскиот премиер Зоран Милановиќ

Македонија ги исполнува сите технички услови за влез во Европската унија и НАТО, но проблемот за нејзиното зачленување е политички и ние не можеме да ја натераме Грција да ги промени своите ставови, изјави хрватскиот премиер Зоран Милановиќ по средбата со неговиот македонски колега Никола Груевски во Скопје.

Ние не можеме да ја натераме Грција да ги промени своите ставови, можеме само да разговараме. Но, не го поддржувам тоа што таа го прави.

„Ние не можеме да ја натераме Грција да ги промени своите ставови, можеме само да разговараме. Но, не го поддржувам тоа што таа го прави. Мислам дека никаква опасност од Македонија не ни се заканува, но повторувам дека за тоа не одлучувам јас“, изјави Милановиќ.

Можам да зборувам и зборувам за тоа дека Македонија треба што побрзо да биде поканета во НАТО, што повторно не се случи во Велс и сериозно да се почнат преговори со Македонија зашто е очигледно дека таа има административен капацитет за сериозни преговори со Унијата, а и тоа е многу, додаде Милановиќ.

И досега и во иднина Хрватска ќе ја сметаме за пријател на Република Македонија, Хрватска исто така нас нè чувствува како нејзин пријател и ќе продолжиме да работиме на натамошно одржување на одлични политички односи.

Премиерот Никола Груевски подвлече дека меѓу двете земји владеат одлични билатерални односи кои се карактеризираат со долгогодишна соработка во сите области од взаемен интерес. Истакна дека постои потенцијал за продлабочување на економската и трговска соработка, но и дека хрватските искуства на патот кон ЕУ и НАТО се добредојдени.

„И досега и во иднина Хрватска ќе ја сметаме за пријател на Република Македонија, Хрватска исто така нас нè чувствува како нејзин пријател и ќе продолжиме да работиме на натамошно одржување на одлични политички односи“, рече Груевски.

Хрватскиот премиер додаде дека преку различни проекти и совети може да ѝ помогне на Македонија и нејзиното приближување кон Европската унија и НАТО.

„Ние сме последните кои влегоа во Европската унија, но и први кои влегоа под таков режим, преговори, бројни поглавја, бенчмаркови, различни услови кои требаше да ги исполни. Сè се тоа работи низ кои Македонија исто така мора да помине, а ние можеме да помогнеме да помине полесно отколку што ние поминавме. Да не ги повтори некои наши незнаења или грешки кои се нормални кога нешто правите првпат“, истакна Милановиќ.

Двајцата премиери разговарале и за можностите за соработка во делот на инвестициите и туризмот. Премиерот Груевски најави дека покрај присутните хрватски компании во земјава, имало и такви кои размислувале да инвестираат во земјава. Целта, рече Груевски, е во следните години Хрватска да стане поголем трговски партнер на Македонија во однос на трговската размена.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG