Достапни линкови

logo-print

Грција има време, Македонија трпи од спорот за името


И покрај ставот на власта, дел од аналитичарите сметаат дека времето не работи за Македонија во однос на решавањето на спорот за името и дека полека таа ги губи пријателите во ЕУ.

Грција нема желба ниту интерес да се справи со проблемот за името, меѓутоа некогаш треба и време за сè, оцени претседателот Ѓорге Иванов деновиве, аргументирајќи дека со тек на времето и другите држави станувале свесни за тоа што ни го правела Грција. Според претседателот, Македонија немала непријатели во Европската унија, туку нејзин непријател бил начинот на носење на одлуки.

Имиџот на Македонија во последните години е доста нарушен кај меѓународната јавност.

Истовремено светските политичари кога зборуваат за земјава речиси секогаш инсистираат токму на начинот на носење одлуки и на тоа дека проблемот за името мора да се реши за да се напредува во ЕУ и во НАТО. И од германската канцеларка Ангела Меркел стигнаа пораки оти за името треба да се постигне компромис од кој сите страни ќе бидат незадоволни.

Во меѓувреме, спротивно од ставот на Иванов, се засилуваат и мислењата на дел аналитичари дека времето не работи за Македонија и дека полека таа ги губи пријателите во Унијата.

Можеби времето работи во однос на спорот и во однос на разјаснување на аргументите кои ние како страна во спорот ги имаме, но од друга страна, времето работи негативно за нас во одност на последиците кои ги имаме поради блокираните евроатлатски интеграции.

Според професор Здравко Савески, времето не е наша страна, туку, како што вели, работи на наша штета.

„Тргнувајќи од назадувањето на демократијата во Македонија, она што во странските земји се формира како мислење е дека во Македонија има доста трендови коишто не се за поздравување, така што имиџот на Македонија во последните години е доста нарушен кај меѓународната јавност“, вели Савески, кој додава дека во таков глобален имиџ за Македонија сè помалку се има разбирање за историските толкувања на проблемот.

„Не само што се нема разбирање во последните години, туку поради лошиот имиџ уште помалку се има разбирање за Македонија. Особено, исто така е важно да се нагласи, тоа се случува и при намален интерес за Македонија во последните години, така што сите овие фактори зборуваат доста лошо за Македонија и нејзината позиција во однос на спорот за името“, вели Савески.

Грција е членка на Европската унија и НАТО и ништо не губи, а Македонија не е и тапка во место и затоа не може да се каже дека времето работи за нас, смета и аналитичарот Алберт Муслиу.

„Можеби времето работи во однос на спорот и во однос на разјаснување на аргументите кои ние како страна во спорот ги имаме, но од друга страна, времето работи негативно за нас во одност на последиците кои ги имаме поради блокираните евроатлатски интеграции“, вели Муслиу.

И Иванов во интервјуто по повод денот на независноста нагласи и дека во Грција не постоела желба, ниту интерес да се справи со проблемот, бидејќи тие не трпеле поради него.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG