Достапни линкови

Македонците докажаа дека заслужуваат сопствена држава


Македонскиот народ без војна се осамостои од Југославија и во изминативе 23 години покажа дека заслужува своја сопствена држава, и покрај сомнежите на дел од меѓународната јавност во раните деведесетти.

Македонскиот народ без војна се осамостои од Југославија и во изминативе 23 години покажа дека заслужува своја сопствена држава, и покрај сомнежите на дел од меѓународната јавност во раните деведесетти, и тоа е најголемиот успех од осамостојувањето, но се чини дека го губиме фокусот од стратешките определби зацртани уште од самиот почеток на државноста во 1991 година, велат нашите соговорници и високи политички функционери во периодот на осамостојувањето Стојан Андов и Денко Малески.

Тоа е таа наша голема слабост што не можевме да исчекориме и да кажеме дека без алтернатива ние развиваме пријателски односи и нашите пријателства се ориентирани кон земјите од НАТО и ЕУ.

Првиот претседател на Собранието во самостојна Македонија, Стојан Андов, вели дека најголемите маани во изминативе 23 години се популизмот и скептичноста во ориентацијата на земјава кон НАТО и ЕУ.

„Тоа е таа наша голема слабост што не можевме да исчекориме и да кажеме дека без алтернатива ние развиваме пријателски односи и нашите пријателства се ориентирани кон земјите од НАТО и ЕУ. Секогаш во воздухот овде лебдело некое мислење дека ние имаме и други алтернативи што е голема грешка“, вели Андов.

Иако устата им е полна со тоа дека ние сме за НАТО и ЕУ, меѓутоа не се спремни да направат жртва која е неопходна за тоа и така се вртиме во тој круг 23 години, се вртиме околу овие стратешки цели, НАТО и ЕУ.

Првиот министер за надворешни работи во самостојна Македонија, универзитетскиот професор Денко Малески, вели дека двата главни проблеми кои се провлекуваат во изминатите две децении се демократијата и односите со соседите. Без демократија, без слобода и правда, нема да има што да нè обединува, вели тој.

„На почетокот од независноста не разбравме дека и другите етнички заедници имаат големи очекувања од бранот на слободата кој ја заплисна Источна Европа и со првиот Устав си правевме држава по наш, македонски терк за десет години подоцна тоа да ни се удри од глава во една друга констелација на односи и тука нешто научивме. Сега повторно имаме проблеми со демократијата кои мора да ги надминеме за опстане овој наш македонски мозаик“, вели Малески.

Тој посочува дека вториот голем предизвик е подобрување на односите со соседите и оти тоа е колосална задача. Малески вели дека фокусот во стратешките интереси на Македонија е изгубен во борбата за опстанување на власт.

„Иако устата им е полна со тоа дека ние сме за НАТО и ЕУ, меѓутоа не се спремни да направат жртва која е неопходна за тоа и така се вртиме во тој круг 23 години, се вртиме околу овие стратешки цели, НАТО и ЕУ“, вели Малески.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG