Достапни линкови

Дневен печат - Жолтица, труења и пресуда за клевета за Заев


Заев да му плати 50 илјади евра на Груевски за клевета за случајот Македонска банка, Бучковски доби две години затвор за Тенковските делови, труење со храна и жолтица - теми во дневните весници.

Судејќи според насловите во печатените медиуми, граѓаните на Македонија навистина имаат теми за забава и за сеир гледање. И тоа, во комбинација: „Заев треба да плати 50 илјади евра за клевета на Груевски“, гласи еден од насловите во Утрински за судскиот процес, инаку топ тема деновиве во јавноста.

Судот не му го крши атерот на премиерот - колку Груевски побара, толку Заев ќе си плати!

„Обвинувањата за Македонска банка се лага - за кампања со лажни снимки пред избори, Заев ќе треба да плати 50 илјади евра“, исто така со крупни букви наслови Вечер. Слободен печат се потсмева: „Судот не му го крши атерот на премиерот - колку Груевски побара, толку Заев ќе си плати!“ Истиот весник ја објавува и реакцијата на СДСМ: „Пресудата е срам за македонското судство!“

Водата од четири јавни чешми на Водно загадена со ешерихија коли.

Сите весници, ја објавија пресудата на Апелација за случајот ’Тенковски делови‘, а Слободен печат прашува: „Дали Бучковски ќе биде првиот македонски премиер зад решетки?“

Вакви вести, во комбинација со оние за труења со храна и за актуелната жолтица од нехигиена се ептен добра потврда за констатацијата од почетокот на овој извештај. „Водата од четири јавни чешми на Водно загадена со ешерихија коли“, „Три сендвичарници со фекални бактерии затруја 64 лица“ и „98 лица заболени од жолтица, 36 од нив во Шуто Оризари“ - објави Дневник.

Нова Македонија како да нè теши, под наводници се разбира: „Транзицијата може да трае подолго од социјализмот - членовите на МАНУ неодамна во Охрид се согласија дека само во држава во која има стабилна демократија и пазарна економија, како и институции што му служат на тој систем без партиско влијание, може да се каже дека транзицијата завршила“.

Утрински ја објавува оценката на Центарот за европска политика од Брисел за состојбите во Македонија и другите земји-кандидати за ЕУ: „Прогнозата на Центарот е дека стагнацијата во Македонија ќе продолжи и таа ќе се ’пумпа‘ со националистичка реторика и ’замор од трансформација‘ односно од реформи“.

Обвинителството на Албанија открило дека и Албанци од Македонија финансирале џихадисти - објави Дневник.

„Меркел бара дијалог, го слуша ли тоа некој? Сигналот од Берлин е јасен - двете страни да седнат на иста маса и да се обидат да ги нивелираат разликите“, пишува Утрински.

На тема домашни политички проблеми, Дневник насловува: „Стратегија или блеф - СДСМ купува време за враќање во Собранието?“ Вака, имено, Дневник го толкува застојот во активностите на опозициската партија по објавувањето на програмата за вонинституционално дејствување.

И како за подобрување на расположението, Вечер објави дека македонското градежништво ќе продолжело да биде двигател на економијата на земјава.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG