Достапни линкови

„Електра“ на Андри Жолдак премиерно во МНТ


„Електра“, претставата на големиот украински и европски режисер Андри Жолдак, премиерно ќе биде изведена овој петок, на 5 септември, во 20 часот, на отворањето на новата сезона во Македонскиот народен театар. Во овој безмалку четиричасовен проект во кој насловната улога ја толкува Дарја Ризова, авторот преку својата самосвојна естетика истражува колку длабоко е скриена суровоста во човекот.

Ова е приказна за античката митолошка историја за заклетвата и злосторството во едно кралско семејство, но и за тоа како Господ ги казнува децата на нашите деца, Сите ние сме одговорни за делата на нашите родители, баба и дедо, прабаба и прадедо ( без оглед дали тоа ни се допаѓа или не), како и за нашите сопствени дела. Она што го правиме денес ќе има влијание врз нашите деца, но и врз децата на нашите деца.

Ова е претстава што е мој автопортрет и зборува за тоа каков сум јас во животот денеска. Затоа на Дарија која го толкува насловниот лик постојано на пробите и говорев дека треба да ме чувствува мене многу силно затоа што Електра сум јас.
Андри Жолдак, режисер.

Ова ќе го забележи Андри Жолдак во пресрет на премиерната изведба на „Електра“ во МНТ, претставата која му се обраќа на античкиот мит, но за која тој го напиша драмскиот текст, ја режираше и се јавува како дизајнер на светлото и делумно на сценографијата.

Жолдак појаснува дека претставата истражува колку длабоко е скриена суровоста во човекот, односно во неговата потсвест (која не постои или е заспана) и во еден момент од минатото ( на земјата, семејството, човекот), таа наеднаш излегува од него и станува сила која го контролира. Всушност, вели тој, се поставува прашањето: „Колку длабоко се крие суровоста во човекот – еден или повеќе километри? И зошто луѓето се погруби и понасилни од животните и растенијата во одредени ситуации?“

Јас сум млада актерка и никогаш досега не сум работела со ваков режисер кој што навистина максимално се дава себе си додека ти си на сцена. Како самиот да глуми. Како да е, тој е окото што треба да го следиш.
Дарја Ризова, актерка.

„Ова е претстава што е мој автопортрет и зборува за тоа каков сум јас во животот денеска. Затоа на Дарија која го толкува насловниот лик постојано на пробите и говорев дека треба да ме чувствува мене многу силно затоа што Електра сум јас. Се разбира таа игра, ние употребуваме мотиви од Есхил, Еврипид, Софокле и други, но...тоа сум јас. Тоа е приказна за мене и за тоа колку можеме да имаме мали или големи гревови, колку тие почнуваат во нашата психа и излегуваат од нашата контрола. Всушност „Електра“ е претстава за скриените импулси во човекот, за темната страна на личноста“, ќе рече Жолдак.

Украинскиот режисер, кој патем важи за уметник кој во своите проекти по светот создава нов театарски израз и за исклучиво педантен автор кој со часови трпеливо работи на секоја сцена, сега вели дека со нагласено внимание ги очекува реакциите на публиката и појаснува дека ако во првиот дел од проектот е препознатлив неговиот творечки ракопис, во вториот тој со актерите на МНТ се осмелил да исчекори понапред во она што претставува негова лична естетика. Потенцира дека притоа нештедливо посегнал по сите технички можности што ги дава Националниот театар и дека нагласено силната музика, чиј автор во случајов е Сергеј Патрамански, е моментот кој јасно дава на знаење дека дејствието се одвива во времево во кое битисаме – во 21 век.

„Денес во 21-от век, прашањето „какво е човечкото суштество во екстремни ситуации?“ се уште останува неодговорено како и пред илјада години. Фјодор Достоевски вели дека „човечката душа е во темнина“, а Георг Бухнер: „Ако погледнете во човечката душа, тоа е исто како да гледате во бездна. Во главата ви се врти од она што ќе го видите!“.

Инаку, покрај Дарја Ризова која го толкува насловниот лик, за улогата на Орест, нејзиниот брат и син на Агамнемон е задолжен Александар Ѓорѓиоски. Звезда Ангеловска е Клитемнестра - нивната мајка, како Агамемнон и Еврипид ќе ги видиме Славиша Кајевски и Борче Начев, Огист е Никола Ацевски, Исус – Александар Михајловски, а во претставата се појавуваат и Арна Шијак, Анастазија Ташковска и Михаела Николовска.

„Јас сум млада актерка и никогаш досега не сум работела со ваков режисер кој што навистина максимално се дава себе си додека ти си на сцена. Како самиот да глуми. Како да е, тој е окото што треба да го следиш. Мислам дека тоа многу ми помогна во создавањето на ликот. Инаку, за мене Електра е љубов кон Бога. Љубов кон вербата и верноста. Кон семејството. Во неа побарав одговор на прашањето зошто секогаш ни е малку од чиста љубов. Всушност сите се прашуваме зошто родителите не обрнуваат внимание на некои нивни постапки и колку тие предизвикуваат силно оштетување кај нивните деца“, вели Ризова.

Жолдак, режисерот кој во 2004 година стана уметник на УНЕСКО, а една декада подоцна за операта „Онегин“ ја доби престижната награда „Златна Маска“ која претставува највисоко признание од областа на театарот во Русија, е полн убави зборови за талентот на македонската актерка и знае да каже дека „планира да ја вклучи во некој од своите следни проекти независно каде би ги работел“.

Извесно е дека тој непосредно по премиерата на „Електра“ заминува за Германија каде ќе го работи Кафка, а од МНТ уште сега уверуваат дека ова нема да биде единствената соработка со него.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG