Достапни линкови

Заев треба да му исплати 50 илјади евра на премиерот за навреда и клевета. За СДСМ пресудата е по директива на Груевски и класичен доказ дека нема институции во Македонија.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев треба да му исплати педесет илјади евра на премиерот Никола Груевски за повреда на личните права, угледот и честа, одлучи Основниот суд Скопје 2.

Судијката Весна Калковска во образложението на пресудата наведе дека на прес-конференциите одржани на 15 и 16 април годинава со намера да му наштети на честа и на угледот Заев изнел невистинити факти. Тоа како што рече го сторил со изјавите дека Груевски е таткото на криминалот, дека земал 1,5 милиони евра од странски бизнисмен, дека ја отштетил државата за 225 илјади евра неплатен данок, дека лично му ја продал Македонска банка на Јовица Стефановиќ- Нини преку четири оф шор и две домашни компании кои биле под контрола на Груевски, дека надвор од официјалната сума договорил пари за продажбата која му била исплатена на црно во кеш. Изјавите, образложи Калковска, биле пренесни во повеќе странски и домашни медиуми, а Заев продолжил да ги повторува на митинзи и на прес конференции.

Од адвокатскиот тим на опозицискиот лидер веднаш најавија дека ќе ја обжалат одлуката пред Апелација.

СДСМ пак преку соопштение оцени дека пресудата била по директива на Груевски и класичен доказ дека немало институции во Македонија и дека се било контролирано од еден центар, односно премиерот. Потврда за тоа е одлуката на судот да ја испорача до евро, сумата од 50 илјади евра, што ја побара Никола Груевски, се наведува во соопштението во кое се додава и дека таа била уште еден срам за судството и за Македонија.

Инаку пресудата беше изречена по кратката пауза која следеше по завршните зборови на адвокатите на Груевски и на Заев, Никола Додевски и Филип Медарски кои ги повторија барањата.

Додевски во завршните зборови побара да се досуди сумата која што ја бараа односно 50 илјади, а Медарски повторно забележа зошто не беа прифатени аудио снимката на која СДСМ тврди сека се слушаат гласовите на тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ден Дончев, на Груевски и на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини и сведочењето на Дончев како докази пред судот и оцените дека цитираните изјави на Заев биле извадени од контекст.

Инаку, судијката го одби барањето на одбраната на тужениот како сведок да биде повикан Дончев, наведувајќи дека образложението ќе го објавела во пресудата. Во вторникот во судот искази даваа и лично Заев и Груевски. Лидерот на опозицијата првпат обелодени дека поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ всушност му ги доставил материјалните што ги објави во партиското седиште, а Груевски одлучи да го намали побарувањето за отштета од 500 илјади на 50 илјади евра. Бизнисменот Нини, пак, кој даде исказ во понеделникот рече дека не давал поткуп и немало потреба за такво нешто и дека не го познавал ниту Груевски, а ниту Заев. Тој беше сведок на тужениот но неговиот тим побара да се повлече оти не бил релевантен ако не биле прифатени и Дончев и аудио снимката како докази.

Инаку Груевски го тужеше Заев за клевета и навреда за прес конференциите поврзани со објавувањето на аудио снимката во изборниот период во април годинава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG