Достапни линкови

logo-print

Прво решавање на проблемите дома, па потоа во ЕУ


Ферерика Могерини и Никола Попоски.

Ферерика Могерини и Никола Попоски.

Тешко и нереално е да се очекува каков било напредок во евроинтегративниот пат, во услови на бројни проблеми дома.

Домашната стабилност е предуслов за решавање на спорот за името со Грција, а неговото нерешавање несомнено ќе предизвика застој во македонските евроинтеграции, предупредуваат домашните аналитичари. Тешко и нереално е да се очекува каков било напредок во евроинтегративниот пат, во услови на судења меѓу лидери на партии, тепачки меѓу пратеници во законодавниот дом, отсуство на политички дијалог и слично, вели Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование.

Ние во моментот немаме капацитет за да направиме големи исчекори кон ЕУ, ниту да покажеме некој голем успех на реформски план.

„Многу е тешко да се очекува дека во оваа ситуација каде што главните политички лидери се тужат меѓусебе, кога има постојани насилства во Собранието, нема парламентарен дух, опозицијата не го признава парламентот, не учествува во неговата работа и ред други ситуации, укажуваат на тоа дека ние во моментот немаме капацитет за да направиме големи исчекори кон ЕУ, ниту да покажеме некој голем успех на реформски план“, вели Маричиќ.

И политичкиот аналитичар Арсим Синани се согласува дека е тешко да се очекува напредок на европската агенда во услови на политичка криза во земјава. Според Синани актуелното политичко лидерство нема волја и капацитет да ги реши внатрешните проблеми.

Не можете да очекувате до боксери да решаваат политички проблеми.

„Не можете да очекувате до боксери да решаваат политички проблеми. Оваа политичка структура не ни сака да ги реши овие проблеми, не ни слуша што зборува меѓународниот фактор“, вели Синани.

Иако поддршката која што стигнува од Брисел не е спорна, Маричиќ вели дека целта е да се решаваат проблемите.

„Целта на таа поддршка не е да остане статус-кво, целта на поддршката на ЕУ е да се решат проблемите, така и треба да се читаат пораките од последниот Самит во Берлин. Клучната порака беше дека веќе нема простор за оставање на проблемите под тепих.“

Мој впечаток е дека ќе ни треба дополнителна политичка волја, не само кај Македонија туки и кај другите држави. И најверојатно ќе ни треба дополнителен европски протагонист во обидот да се реши ова прашање.

Синани потенцира дека внатрешните проблеми треба да се решаваат дома и оти е незрело да се очекува дека некој од надвор ќе го направи тоа.

„Ако ние не сме спремни сами да ги решиме проблемите, јас не очекувам дека некој од надвор ќе дојде и со магично стапче ќе ја реши.“

Вчера министерката за надворешни работи на Италија и новата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Федерика Могерини предупреди дека доколку набрзо не се реши спорот за името, можно е да се наруши внатрешната состојба во земјава.

„Мој впечаток е дека ќе ни треба дополнителна политичка волја, не само кај Македонија туки и кај другите држави. И најверојатно ќе ни треба дополнителен европски протагонист во обидот да се реши ова прашање. Ова е суштинско, затоа што ситуацијата би можела да се развие во лош правец ако не се дојде до некој напредок во врска со проблемот за името“, изјави Могерини, повторувајќи дека иако проширувањето е на агендата на италијанското претседателство со ЕУ, сепак се очекува решение во спорот за името, со цел Македонија да напредува во евроинтеграциите.



  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG