Достапни линкови

Лидерите на суд, партиите со пресуди


Партиските пишувачи на соопштенијата брзо се преориентираа, па место обвинувања за застојот на политичкиот дијалог, напишаа осуди за другата страна поврзани со процесот Груевски-Заев за случајот Македонска банка.

По само неколку часа од завршувањето на исказите на Груевски и на Заев во судот, стигнаа партиските реакции. Пишувачите на соопштенијата брзо се преориентираа, па место обвинувања за застојот на политичкиот дијалог, напишаа осуди за другата страна поврзани со судскиот случај. Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев направил фројдовска грешка кога како небитно го навел намалувањето на отштетното барање од Груевски од 500 илјади на 50 илјади евра.

Како е возможно 450 илјади евра за Зоран Заев да бидат финта и небитна работа. Дали можеби милион евра или можеби осум милиони евра за него се конкретна сума? Од каде таквиот лефтерен однос кон парите на господинот Заев?
ВМРО-ДПМНЕ.

„Како е возможно 450 илјади евра за Зоран Заев да бидат финта и небитна работа. Дали можеби милион евра или можеби осум милиони евра за него се конкретна сума? Од каде таквиот лефтерен однос кон парите на господинот Заев?“, прашува во соопштението ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, постави контра прашање, што се случило што 10-кратно се намалила вредноста на душевната болка на Никола Груевски?

Логично е Груевски да има потреба да се дообјаснува преку партиски соопштенија, бидејќи, по одбивањето на клучниот сведок Ден Дончев и аудио снимката за доказ, излезе на виделина судската фарса што треба да обезбеди амнестија на Груевски.
СДСМ.

„Логично е Груевски да има потреба да се дообјаснува преку партиски соопштенија, бидејќи, по одбивањето на клучниот сведок Ден Дончев и аудио снимката за доказ, излезе на виделина судската фарса што треба да обезбеди амнестија на Груевски“, напиша СДСМ.

Ваквите партиски реакции покажуваат дека во Македонија сè се врти околу лидерите и секое заострување на односите меѓу нив има импликации врз општата политичка слика, коментира аналитичарот Алберт Муслиу. Тој додава дека судскиот случај може само дополнително да влијае врз односите, а не може и да ги расипе, оти, како што вели, тие се веќе нарушени.

„Ние имаме недостиг на политички дијалог, имаме недостиг на европско однесување на нашите политички елити, така што ова може само дополнително да додаде негативен импулс, ако ништо друго, тогаш на лична основа“, вели Муслиу.

Од вчерашното рочиште и исказите на партиските лидери, пак, произлегоа две главни вести. Првата е признанието на Заев дека поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ден Дончев, всушност му ја доставил снимката во партиското седиште. Втората вест е пак одлуката на Груевски да се намали сумата што ја побаруваше за клевета и навреда од Заев од 500 на 50 илјади евра.

Инаку Груевски го тужи Заев за клевета и навреда за прес-конференциите поврзани со објавувањето на аудио снимката, на која, како што се тврди, се слушаат гласовите на Груевски, на Ден Дончев, кој во 2004 година е генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ Нини, кој ја купи Македонска банка.

Премиерот вчера тврдеше дека со таквите наводи Заев му предизвикал ненадоместива штета на угледот и на честа. Опозицискиот лидер рече дека немал намера да му нанесе душевна болка на Груевски, туку дека само постапувал согласно законот и ја извршил својата должност да пријави сомнеж за корупција. Аудио снимката беше објавена за време на изборната трка во април годинава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG