Достапни линкови

По неколку илјади, па и неколку десетици илјади евра бараат функционерите за нанесена душевна болка во случаите за навреда и клевета.

Судската пракса досега покажа дека душевната болка на политичарите е секогаш поскапа од онаа на обичните граѓани. Последен пример е побарувањето на премиерот Никола Груевски од 50 илјади евра од опозицискиот лидер Зоран Заев за клевета во судскиот спор околу тврдењата за скандалозна продажба на Македонска банка. Претходно Тито Петковски го изгуби спорот со премиерот за 10 илјади евра за изречена клевета.

Обичните граѓани имаат проблеми со судските процеси затоа што им се одолговлекуваат со години, додека за политичарите е по скратена постапка и одлуките се донесуваат многу брзо.

Разликите меѓу износите можат да бидат многу големи, тие се движат од илјада па до неколку десетици илјади евра.

На пример Јани Макрадули од СДСМ требаше да му плати илјада евра на министерот Миле Јанакиески и 1.500 евра на директорот на УБК Сашо Мијалков, откако двајцата го тужеа за клевета и за лажни обвинувања. Пратеничката Силвана Бонева бараше сто илјади евра од колегата Владо Бучковски затоа што ја обвинил дека имала бугарски пасош но судот пресече на 1.500 евра.

Сегашната пракса укажува и упатува на правен и политички заклучок дека за жал судството е сè уште зависно, а за ние да имаме правилна и законска одлука, судот треба да постапува објективно и непристрасно.

Како судот проценува дека на некого му се доволни 1.000 евра за да си ја залечи душевната болка нанесена од клеветата, а на друг му е потребна барем петцифрена сума за да може повторно мирно да спие откако претрпел стрес од некоја прес-конференција, никој не може прецизно да објасни.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека во земјава не постојат ниту правни ниту политички норми кои ќе ја одредат „душевната болка“. Тој објаснува дека таа е премногу виртуелна за да може да ѝ се одреди финансиска репарација.

„Душа не е законска категорија, па сега ќе ја измериме душевната болка. Тоа е нешто што се злоупотребува нс нашата политичката сцена, а за жал и во судската пракса. Според мене, и ако има штета, ако се бара материјална штета, тогаш материјалната штета треба да се одредува во однос на приходите, расходите“, вели Муслиу.

Тој смета дека поврзаноста на институциите со политичките елити укажува на тоа дека политичарите се привилегирани.

„Обичните граѓани имаат проблеми со судските процеси затоа што им се одолговлекуваат со години, додека за политичарите е по скратена постапка и одлуките се донесуваат многу брзо“, вели Муслиу.

Професор Осман Кадриу вели дека од гледна точка на законот, судот не треба да прави разлика меѓу граѓаните и функционерите во одредување на големината на нематеријалната штета.

„Тука е слабоста на судот и судот, односно конкретниот судија кој решава по таквото прашање како да има субјективен и едностран однос кон странките во постапката, а тоа не смее да се случи“, вели Кадриу.

Се добива впечаток дека кога опозицијата и власта ќе се сретнат на суд, тоа е често пати добитна комбинација за функционерите, па тука се забележува дека судот во изрекувањето на пресудите е пристрасен, вели Кадриу.

„Сегашната пракса укажува и упатува на правен и политички заклучок дека за жал судството е сè уште зависно, а за ние да имаме правилна и законска одлука, судот треба да постапува објективно и непристрасно“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG