Достапни линкови

Јубилејниот „Браќа Mанаки“ стреми „Кон ѕвездите“


Сцена од македонскиот филм „До Блачак“.

Сцена од македонскиот филм „До Блачак“.

Седумдесет и шест филмови, од кои 20 македонски проекти или копродукции, во осум програмски целини ќе бидат прикажани на јубилејното 35-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кое, под мотото „Кон ѕвездите“, од 13 до 19 септември ќе се одржи во Битола. На манифестацијата ќе се одржат и премиерите на „До балчак“ на Столе Попов и „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески, а вториот добитник на наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските професионалци е режисерот Милчо Манчевски.

Битола од 13 до 19 септември наново ширум ќе ги отвори портите за сите вљубеници во седмата уметност. По 35-ти пат градот ќе го облече својот космополитски костум и ќе дари магија во која се испреплетуваат реалноста и сонот, творечката визија и слободарската мисла.

Секоја година за нас е јубилеј. Секоја година создавање на филм за нас е јубилеј. Секоја година создавање на програма од 70, 80, 90 филмови е јубилеј. Носење на такви, големи ѕвезди, на такви гости исто така е јубилеј.

Подготвувана грижливо и смело, под мотото „Кон ѕвездите“, годинешната програма на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ нуди 11 наградувани дела меѓу кои кинеските „Црн јаглен, тенок мраз“ на Јинан Диао и „Слепа масажа“ на Је Лу, „По редот на исчезнување“ на Ханс Петер Моланд, „Смири ја водата“ на Јапоката Наоми Кавасе... девет кратки филма, пет авангардни наслови во „Новите визии“, исто толку во ВИП детската програма, дузина автентични тематики во документарната селекција, 11 проекти се поместени во „Македонската панорама“, а дури 15 краткометражни остварувања е предвидено да бидат прикажани во некомпетитивната „Кратко – слатко“ на Европската филмска академија.

Освен тоа, во рамките на специјалните проекции, покрај најавените филмови во чест на добитниците на наградите – „Големата убавина“ што го сними Лука Бигаци ( специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност) и „Читачот“ на кинематограферот Крис Менџис од Велика Британија (творец кому му припадна наградата за животно дело „Златка камера 300“), ќе биде прикажана романско-македонската копродукција „Не сум славен, но сум Влав“, првиот филм целосно снимен на аромански (влашки) јазик.

Судбината на малите народи е секојпат скоро иста. Односот на силниот спрема послабиот исто така. На големиот спрема малиот. Значи на империите кон малите средини.

И кон ова, втора година по ред, во дополнителната програма на Фестивалот, ќе бидат организирани отворени разговори со гостите под наслов „Опуштено со...“ , ќе бидат одржани неколку еднодневни и повеќедневни работилници на тема промоција и дистрибуција на новите филмови, дигитална реставрација, правење на кратки филмови и постери, како и предавање на Ребека Толи. Најавено е дека ќе се случи и перформанс на проектот „Катлин“ на уметничката група КАЛПАЗАН и традиционалната, трета по ред, Балканска конференција на директори на фотографија во асоцијација со ИМАГО.

Флаерот за Фестивалот.

Флаерот за Фестивалот.

„Секоја година за нас е јубилеј. Секоја година создавање на филм за нас е јубилеј. Секоја година создавање на програма од 70, 80, 90 филмови е јубилеј. Носење на такви, големи ѕвезди, на такви гости исто така е јубилеј. Точно, оваа година е 35-годишниот јубилеј на најстариот филмски фестивал на филмската камера во светот и целата програма ја правевме „Кон ѕвездите“, целата програма ја создававме за јубилејот, за прекрасната публика во Битола“, ќе рече Лабина Митевска, директорка на Фестивалот.

Она што е особено важно е што ќе продолжи и зачнатата традиција на „најголемата мала филмска манифестација во светот“ да се случуваат и гала премиери на новите македонски филмови. Така, во случајов надвор од фестивалската конкуренција, најнапред на 14 септември, од 20 часот, ќе биде прикажан „До балчак“ - речиси тричасовниот историски спектакл на режисерот Столе Попов работен по сценарио на Горан Стефановски, а за свеченото затворање на 35-от Интернационален филмски фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во истиот термин, е предвидено претставувањето на социјалната драма „Деца на сонцето“, третиот игран филм на режисерот Антонио Митриќески.

Попов, потсетувајќи на долгата безмалку тридецениска историја за настанувањето на „До балчак“, откако ќе забележи дека отсекогаш сакал да сними филм за македонските комити и дека тоа еве конечно му успеало дури во третиот обид, вели дека тие со Стефановски мислеле дека создаваат дело кое е оригинално, интересно и силно. Дополнува дека сега филмот делува многу поактуелно отколку тогаш, некаде во втората половина на 1980-те.

„Пробавме да антиципираме некои работи. Се потпревме на она циклично преповторување на историјата кое е неминовно. Судбината на малите народи е секојпат скоро иста. Односот на силниот спрема послабиот исто така. На големиот спрема малиот. Значи на империите кон малите средини. Според таа исконска потреба и чувствување на слободата, на слободоумието. Јас тука ја препознавав таа некоја основна и елементарна македонска кауза од која што сè потекнува. “

Инаку, кон ова само уште информацијата дека, по Кирил Ценевски, вториот добитник на наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“ што од лани ја доделува Друштвото на филмските професионалци е режисерот Милчо Манчевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG