Достапни линкови

„Граѓани“ на Тања Балаќ прикажана на фестивал во Венеција


Видео-инсталацијата „Граѓани“ на Тања Балаќ е прикажана во официјалната селекција на престижниот фестивал „International Art Expo – Future Identities – Bodies. Places. Spaces", што од 31 август до 2 септември, се одржува во Венеција. Со неа македонската уметница го дава својот поглед на општествено ангажираната уметност во јавниот простор и го отвора прашањето дали екранот како симбол на потрошувачкото општество и ширење на маркетиншки пораки може да биде и средство за творечко изразување.

Премиерно прикажана минатата година на големиот видео екран на плоштадот „Македонија“, видео-инсталацијата „Граѓани“ на македонската уметница Тања Балаќ се најде и во официјалната конкуренција на престижниот фестивал „International Art Expo - Future Identities – Bodies. Places. Spaces“ што во текот на овие три дена се одржува во Венеција. Станува збор за галерија на ликови во која се претставени 65 граѓани од различна возрасна, социјална, верска и полова структура како сведоштво на едно време.

Тоа се луѓето со кои секојдневно се сретнуваме, комуницираме, се разминуваме, луѓе за кои главно никогаш не дознаваме едни за другите. Мојот обид е всушност токму преку тие ликови, портрети, да ја насетиме нивната интима.

Во неа, во безмалку петте минути материјал, авторката го претставува својот поглед на општествено ангажираната уметност во јавниот простор и на тој начин го отвора прашањето дали скринот како симбол на актуелното потрошувачко општество и ширењето на маркетиншките пораки може наедно да биде и средство за уметничко изразување.

Уметницата Тања Балаќ.

Уметницата Тања Балаќ.

„Тоа се луѓето со кои секојдневно се сретнуваме, комуницираме, се разминуваме, луѓе за кои главно никогаш не дознаваме едни за другите. Мојот обид е всушност токму преку тие ликови, портрети, да ја насетиме нивната интима. Да се обидеме малку подлабоко да навлеземе во нив, да допреме до нивните чувства, до она што во последно време се чини најмалку не интересира. Едноставно да се обидеме да допреме до човекот“, вели Балаќ.

Изненадените минувачи буквално нималку не очекуваа дека на скринот ќе се појави некоја друга содржина, конечно друга естетика и друга музика која што го прати сето тоа.

Потсетувајќи се на првичното претставување на видео инсталацијата во јавноста, Балаќ вели дека за неа бил мошне впечатлив моментот кога ненадејно помеѓу сите оние рекламни пораки со кои секојдневно сме бомбардирани започнала да тече една уметничка содржина.

„Изненадените минувачи буквално нималку не очекуваа дека на скринот ќе се појави некоја друга содржина, конечно друга естетика и друга музика која што го прати сето тоа. Можеби само за еден момент, но онаа секојдневна рекламна репетитивност беше заменета со вистинска уметничка вредност. Таа на граѓаните наместо соочување со рекламите им понуди средба со живо, пулсирачко уметничко дело“, вели таа.

Инаку, Фестивалот во Венеција се фокусира на односот меѓу телото и просторот и хибридизацијата на идентитетите во културна, физичка, социјална и урбана средина во денешно време, а Тања Балаќ (која инсталацијата ја создаде со Боро Рудиќ како камерман и Тоде Коцев како монтажер), е во групата автори од Шпанија, Италија, Словачка, Канада, Хрватска, Бразил, Велика Британија, Норвешка, Франција и од Швајцарија.

Но, она што е поважно за неа како творец е фактот што таа веќе има понуда да ги стави граѓаните од другите европски метрополи во идентична промислувачка форма на видео скрин што подразбира дека нејзината потрага околу преиспитувањето на општествено ангажираната уметност во јавниот простор продолжува и понатаму.

И колку за потсетување, родена 1968 година во Скопје, Тања Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во одделот за сликарство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1996 година и негов претседател во изминативе осум години.

Зад себе има 18 самостојни и повеќе групни изложби во земјава и во странство, повеќе награди и признанија за своето творештво (меѓу кои „Никола Мартиновски“, „Методија Ивановски – Менде“, „Константин Мазев“... ), а сем со сликарство се бави и со видео арт и со уметнички перформанси.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG