Достапни линкови

Прилепски земјоделци против затворање на пазарчето „Кај шаторот“


Десетина закупувачи на тезгиња на импровизиран пазар во Прилеп, бараат и овој септември со ЈП „Пазари“ да потпишат договор и да продолжат со законска работа, како и досега. Но од претпријатието на став дека овој пазар треба да се затвори.

Педесет и шест годишната Ленче Петкоска од Прилеп, цел живот со земјоделство ја обезбедува егзистенцијата за своето семејство. Скромното производство, таа го продава на тезге од зелениот пазар што се наоѓа во прилепското маало викано „Кај шаторот“. Сега стравува за иднината на своето семејство. Овде, вели, продавала 20-ина, а последните 4-5 години, регуларно потпишува договор со ЈП „Пазари“ и си ги плаќа обврските.

Ние сме во тешки услови како земјоделци, сонцето не пече, со пот ни е ова заработено и со пот пари вадиме за да преживееме.

„Ние сме во тешки услови како земјоделци, сонцето не пече, со пот ни е ова заработено и со пот пари вадиме за да преживееме. Оти јас имам петчлено семејство, само синот работи, другите ние никој не сме вработени, ни мажот, ни јас, не земаме никакви пари други“, вели Петкоска.

Таа и другите 10-ина закупувачи на тезгиња, бараат и овој септември со ЈП „Пазари“ да потпишат договор и да продолжат со законска работа, како и досега. Тие не сакаат да земат тезгиња на градскиот зелен пазар, бидејќи велат, нивната вкупна месечна заработувачка е едвај 7.000, а за тезге на градскиот пазар трошоците ќе им изнесуваат околу 6.000 денари.

Јас четири години сум овде и повеќе. Имам договори за секоја година, годинава договорот ми заврши на 31 август, со што ни дадоа и документи за потписи. Меѓутоа од први септември, значи и денеска да дојдат, ние пак ќе си ги платиме тегзите за наредните месеци.

„Јас четири години сум овде и повеќе. Имам договори за секоја година, годинава договорот ми заврши на 31 август, со што ни дадоа и документи за потписи. Меѓутоа од први септември, значи и денеска да дојдат, ние пак ќе си ги платиме тегзите за наредните месеци“, вели Јулијана Ангелеска.

Но, овие луѓе се жалат и затоа што не знаат ни каде точно да се обратат, за да си го решат проблемот.

„Беше директорот на ЈП „Пазари“ некни и тој крева рамена, вели - не знам до кого е. Ние го прашуваме до кого е, да појдеме таму. И пак ни вели - не знам до кого е. Му велиме да појдеме кај градоначалникот, тој вели - појдете и толку, друго ништо“, изјави Кире Јосифоски, земјоделец од селото Галичани којшто со работата на ова тезге ја обезбедува егзистенцијата на своето четиричлено семејство.

Директорот на јавното претпријатие „Пазари“, Петар Димоски стои на ставот, дека овој пазар треба да се затвори. Бидејќи вели годишни договори се потпишуваат само со 5-6 мина пазарџии. Другите закупуваат тезгиња само за еден до два месеца во есен. Според него, пазарџиите може да изберат каде ќе продолжат со работа, на градскиот зелен или во двата помали пазари во градот. Сепак вели Димоски, советниците ќе донесат одлука што ќе биде предвидено на оваа локација, согласно со новиот Детален урбанистички план. Но, цврсто стои на ставот дека ни советниците не треба да гласаат нов ДУП со зелено пазарче на оваа локација.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG