Достапни линкови

logo-print

Заклучоците од Берлин секој си ги толкува по свое


Според едни, германската канцеларка Ангела Меркел и порачува на власта да обезбеди услови, а според други, таа и порачува на опозицијата да се врати во собранието.

На опозицијата мора да и биде овозможено да ја врши својата улога во рамките на парламентот и исто така мора да сака да го прави тоа. Оваа реченица вметната во заклучоците од самитот во Берлин веќе неколку дена различно се толкува во домашната јавност.

Eдинствен од кој зависи дали ќе му се даде шанса на дијалогот е Никола Груевски.

Според едни, таа е порака до власта да обезбеди услови, а според други, германската канцеларка Меркел и порачува на опозицијата да се врати во собранието. Несогласувања и криза има во албанскиот политички блок по минатонеделната тепачка меѓу пратениците на ДУИ и на ДПА, а и меѓу нив засега нема никаков обид за разговор, туку реплики кој е виновен.

Подготвени сме за комисија да се утврди состојбата и отворени сме за каков било дијалог, разговор. Не сме предизвикувачи на тоа, но сепак отворени сме за кој било тип на соработка.

И во разговорите зад сцената, пак, кои се одвиваа меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со посредство на белгискиот експерт Петер Ванхаут, според партиските изјави, нема напредок.

Политичкиот дијалог е закочен брифираат од СДСМ, од каде што посочуваат дека единствен од кој зависело дали ќе му се даде шанса бил Никола Груевски. Од таму велат и дека тие поради интересот на државата биле спремни да разговараат каде било и во кое било време, но услов било да бидат отворени сите пет нивни барања. Кај ВМРО-ДПМНЕ, како што тврдат, немало интерес за таков развој на настаните и затоа велат дека сè зависело од Груевски. Претходно опозиционерите потенцираа дека во заклучоците на берлинската конференција на Груевски во Берлин лично му била испорачана пораката дека мора да седне на разговори со опозицијата, за решавање на политичката криза во Македонија.

Од владејачката партија, пак, не одговорија дали има шанса за откочување и придвижување на работите. Но, Груевски по конференцијата рече дека во политичкиот дел за Македонија главно било спомнато за проблемот со Грција и оти практично тоа било единственото што се споменало во делот на политиката и што било нагласено.

Во меѓувреме додека кризата во односите меѓу партиите главно во македонскиот етнички блок влегува во петиот месец, избија несогласувања и меѓу двете најголеми партии на Албанците, ДУИ и ДПА. По минатонеделната тепачка во парламентот, партијата на Тачи е во фаза на одлучување за трајно напуштање на парламентот и, како што вели самиот лидер, биле многу блиску до таква одлука.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, пак, Талат Џафери тврди дека тие се подготвени за дијалог за надминување на несогласувањата со директните политички опоненти.

„Подготвени сме за комисија да се утврди состојбата и отворени сме за каков било дијалог, разговор. Не сме предизвикувачи на тоа, но сепак отворени сме за кој било тип на соработка“, вели Џафери.

Но и меѓу овие две партии, слично како и меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат меѓусебните обвинувања. Тачи проблемот го лоцираше во ДУИ, кои, како што рече, сакале да интерпретираат дека имале други лични проблеми но нагласи дека се работело за политички проблеми.

Главните организатори на инцидентот се ДУИ, рече Тачи, посочувајќи дека требало посериозно да се разберат работите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG