Достапни линкови

Со предвремени избори до излез од политичката криза?


Предвремени парламентарни избори или лидерски средби препорачуваат аналитичарите за надминување на актуелната политичка криза што се продлабочи со излегувањето и на ДПА од Собранието.

Политичката криза се продлабочува. Откако и ДПА, по вчерашната тепачка во собраниската комисија за финансирање и буџет, реши да го напушти Собранието, боите на опозицијата останаа да „ги бранат“ само пратениците што не ги почитуваа одлуките на своите партии за бојкот на парламентот. Роза Топузова-Каревска од ЛДП, Солза Грчева и Љубица Буралиева од СДСМ и Мирсада Емини-Асани од НДП сега се единствените пратеници кои учествуваат во работата на законодавниот дом, а не се дел од владејачката коалиција.

Одредено време тоа може така да функционира и ќе тераат инает, но не за долго. Мислам дека на пролет, ако истраат, а по сè изгледа ќе истраат и СДСМ и ДПА, ќе мора Груевски да ги прифати барањата на опозицијата, односно формирање на техничка влада и предвремени парламентарни избори.

Универзитетскиот професор Алајдин Демири вели дека со излегувањето и на ДПА од Собранието политичката криза се продлабочува и оти од неа може да се излезе само со предвремени парламентарни избори, иако засега очекува власта да „глуми нормалност“ и да продолжи како ништо да не било.

„Одредено време тоа може така да функционира и ќе тераат инает, но не за долго. Мислам дека на пролет, ако истраат, а по сè изгледа ќе истраат и СДСМ и ДПА, ќе мора Груевски да ги прифати барањата на опозицијата, односно формирање на техничка влада и предвремени парламентарни избори“, вели Демири.

Седнувањето на заедничка маса и изнаоѓањето решение секако е првиот чекор што треба да се направи.

РСЕ: Верувате дека ги прифати? И зошто би ги прифатил?

„Мислам дека ќе мора, зашто не може така да функционира парламент, не може така да функционира влада, ќе има институционални кризи“, вели Демири.

Политичкиот аналитичар Владимир Мисев, пак, излезот од ваквата ситуација го гледа во враќањето на лидерските средби меѓу претседателите на најголемите политички партии.

„Со тоа да се постигне некаков компромис и да се изнајде решение по однос на суштинските проблеми и недоразбирања коишто ги имаат политичките партии. Сметам дека проблемите и прашањата кои ги отвора СДСМ се многу попринципиелни и потешки за разлика од прашањата што ги има ДПА после инцидентот и излегувањето од парламентот. Не разбирам со што го оправдуваат нивниот потег, меѓутоа седнувањето на заедничка маса и изнаоѓањето решение секако е првиот чекор што треба да се направи“, вели Мисев.

Законодавниот дом, со четирите опозициски пратенички што учествуваат во работата на Собранието, има кворум да расправа за уставните измени, но власта го нема потребното двотретинско мнозинство за да го смени Уставот. Имено, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 61 пратеници, ДУИ има 19 и ГРОМ има еден пратеник. За да се донесат уставните измени, под услов сите 81 пратеници од владејачката коалиција да гласаат „за“, потребен е барем уште еден глас од опозициските пратенички.

И покрај вчерашната тепачка во која учествуваа пратеници од ДУИ и од ДПА и напуштањето на парламентот од страна на ДПА, Собранието работи како ништо да не се случило. За денеска е закажана пленарна седница на чиј дневен ред е Утврдување на Нацртот на седумте амандмани за промени на Уставот. За денеска се закажани и три седници на собраниските комисии.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG