Достапни линкови

Тешките прашања настрана на самитот во Берлин


На Самитот во Берлин ќе се зборува повеќе за иднината, но не треба да се очекува дека на самитот ќе се решаваат тешките прашања, како што е тоа со името, велат упатените.

На претстојниот самит на земјите од Западен Балкан, Македонија ќе ја претставуваат премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

За земјава самитот е важен од два аспекти. Едниот, односно политичкиот е тоа што со ова Германија дава јасен сигнал дека иднината на земјите од Западен Балкан е во Европската Унија и дека иако во моментот нема се предвидува натамошно проширување, сепак се дава силен импулс дека треба да продолжиме да работиме и дека еден ден ќе бидеме дел од Унијата. Вториот аспект е економскиот.
Министерство за надворешни работи.

Од министерството за надворешни работи велат дека тие ќе имаат средби со претставници на германскиот државен врв и оти за земјава самитот е важен од два аспекти. Едниот, односно политичкиот е тоа што со ова Германија дава јасен сигнал дека иднината на земјите од Западен Балкан е во Европската Унија и дека иако во моментот нема се предвидува натамошно проширување, сепак се дава силен импулс дека треба да продолжиме да работиме и дека еден ден ќе бидеме дел од Унијата. Вториот аспект е економскиот, односно тоа што самитот е можност да се разгледаат условите за заедничка економска соработка и да се разговара за начините за подобрување на економската благосостојба во земјава на ниво кое е потребно за наше интегрирање во Унијата.

Сè уште не е јасно дали прашањето за името со Грција може да биде отворено,особено по засилениот интерес на германската канцеларка Анѓела Меркел да помогне за решавање на овој проблем.

Не верувам дека ќе има можност за отворање на прашањето за името како проблем кој ќе се реши таму или кој било проблем ќе се реши таму, но мислам дека таму ќе се постави агендата за следните неколку години или за барем за следните месеци.
Бојан Маричиќ, Центар за европско образование.

Упатените велат дека симболиката на самитот кој се прави по повод стогодишнината од првата светска војна е дека ќе се зборува повеќе за иднината, но дека не треба да се очекува дека на самитот ќе се решаваат тешките прашања, како што е тоа со името. Целта според Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование е да испрати политичка порака до земјите од Западен Балкан дека иднината им е во Европа, но дека тоа што долго чекаат пред вратите на ЕУ не значи дека ќе бидат брзо или преку ред примени.

„Не верувам дека ќе има можност за отворање на прашањето за името како проблем кој ќе се реши таму или кој било проблем ќе се реши таму, но мислам дека таму ќе се постави агендата за следните неколку години или за барем за следните месеци.“

Маричиќ укажува на тоа дека Македонија и Босна и Херцеговина се означени како најпроблематични точки на Балканот и токму за нив очекува на самитот да биде креирана агенда за решавање на крупните прашања, но и за економска соработка и надминување на кризата, па оттаму на самитот се поканети и економските министри.

„Дел од агендата ќе биде и како полесно да се преоѓаат границите, како да се подобри економската соработка меѓу државите во регионот, бидејќи и тоа сметаат дека не е на доволно ниво.“

Покрај земјите од Западен Балкан, на конференцијата во Берлин ќе учествуваат и две членки на Унијата, Хрватска и Словенија. На неа ќе се разговара и за енергија, технологија, инфраструктураи пред се меѓусебната регионална соработка, како и соработката со Европската Унија. Канцеларката Анѓела Меркел која ќе биде домаќин на утрешниот самит неодамна изјави дека сите земји од регионот на западен Балкан имаат европска перспектива, но дека нивното приклучување кон ЕУ ќе зависи од тоа колку брзо ќе ги применат клучните реформи.



  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG