Достапни линкови

Игор Стефановски – Иџе по трнлив пат до титула


Македонскиот возач Игор Стефановски – Иџе, европски првак во автомобилизам на ридски патеки.
Македонскиот возач Игор Стефановски – Иџе, европски првак во автомобилизам на ридски патеки.

Игор Стефановски – Иџе стана европски првак во автомобилизам на ридски патеки иако во текот на шампионатат се соочуваше со технички и со финансиски проблеми. Иџе на Македонија и ја донесе првата европска титула во авто-мото спортот.

Македонскиот возач Игор Стефановски – Иџе е сензационален европски првак во автомобилизам на ридски патеки. До ценетата титула и тоа како дебитант, Стефановски дојде на импресивен начин, со седум победи на десетте досега одржани трки, откако патеките ги проучуваше преку видео снимки и он - боард камери (освен во Австрија и во Хрватска).

Дури и отидовме на почетокот на сезоната со мислење да извоземе неколку трки од Европскиот шампионат, бидејќи не бевме подготвени ни финансиски, ни како тим. Меѓутоа, после победите од првите две трки, одлучивме дека ќе го возиме целиот шампионат.
Игор Стефановски – Иџе, европски првак во автомобилизам на ридски патеки.

Да биде подвигот поголем, Игор, располага со неспоредливо помал буџет во однос на конкурентите, а во текот на сезоната имаше бројни проблеми - откажување на моторот, проблеми со менувачот, судири и излетувања од патеките, поради што размислуваше и за повлекување од шампионатот. За среќа, тоа не се случи, па како никој претходно, на две трки пред крајот на сезоната, Иџе на Македонија и ја донесе првата европска титула во авто-мото спортот, успех на кој не ни помислуваше до пред неколку месеци.

„Дури и отидовме на почетокот на сезоната со мислење да извоземе неколку трки од Европскиот шампионат, бидејќи не бевме подготвени ни финансиски, ни како тим. Меѓутоа, после победите од првите две трки, одлучивме дека ќе го возиме целиот шампионат. Победи се редеа од трка на трка, направивме навистина добри резултати, со оглед на тоа дека имаме седум победи до сега и 3 рекорди. И верувам дека ова е голем успех за мене, а воедно и за нашата земја и за мојот тим“, рече првиот македонски автомобилист кој го исполни критериумот на Агенцијата за млади и спорт за добивање стипендија од светска класа (во наредните 4 години секој месец ќе добива по две просечни плати – 42.000 денари) и кој по активната кариера ќе го користи националното признание „Спортска пензија“.

Во Македонија се уште е некако во позадина овој спорт, за жал. А, верувајте дека надвор, во тој круг на автомобилисти во европската елита котираме на едно многу добро, високо ниво.
Игор Стефановски – Иџе, европски првак во автомобилизам на ридски патеки.

Стефановски, сега без притисок и форсирање на автомобилот ќе ги извози преостанатите трки во Словенија (30/31 август) и во Хрватска (по три недели). Тие немаат резултатско значење, но „летечкиот Македонец“, најавува дека и во нив ќе атакува на највисок пласман, за што дополнителен мотив му е шансата со уште еден триумф да постави рекорд и според бројот на победи во една сезона. Тоа ќе биде доказ плус за неговата доминација, но и уште една потврда дека на автомобилизмот кај нас треба да му се посвети многу поголемо внимание.

„Во Македонија се уште е некако во позадина овој спорт, за жал. А, верувајте дека надвор, во тој круг на автомобилисти во европската елита котираме на едно многу добро, високо ниво. Иако сме мал тим, веќе и големите и фабричките тимови имаат респект кон нас. Јас би сакал да имаме една спортска, вистинска тркачка патека, па да може сите заинтересирани да се втурнат во овој спорт. Така би можеле да излезат уште неколку други автомобилисти, да покажеме навистина дека можеме да се справиме со тие огромни тимови со огромни буџети“, додаде Македонецот кој во октомври заедно со сите европски и национални шампиони ќе настапи на Мастер купот во Луксембург.

Кога се во прашање неговите планови за во иднина, пак, Иџе се уште размислува во која насока ќе му се движи кариерата. Одговорот на тоа прашање ќе биде познат до крајот на годинава, а дилемата е - настап на познат терен или ново дебитантско докажување.

„Можно е да останеме на истото првенство, да ја браниме титулата, што би ми било многу полесно бидејќи веќе ги познавам патеките. Меѓутоа, можно е и да се пробаме на европските трки на кружни патеки, што би било еден нов предизвик за мене и за мојот тим. Ќе оставиме, сепак, после преостанатите трки, во разговор со моите спонзори да видиме во која насока би се движеле, па така ќе одлучиме во кое првенство ќе се впуштиме наредната година“, истакна на крајот европскиот првак во автомобилизам на ридски трки, Игор Стефановски – Иџе.

XS
SM
MD
LG