Достапни линкови

logo-print

Три од четири деца од пелагониските села не одат во градинка


Мобилна градинка во битолско.

Мобилна градинка во битолско.

Резултатите покажуваат дека децата кои не посетувале никаков облик на предшколска едукација стартуваат во основното образование помалку подготвени од другите деца, посочуваат упатените.

Дури 75 проценти од децата во руралните населби на двете пелагониски општини Битола и Новаци не посетуваат предшколска настава, беше истакнато на интернационалната конференција „Грижа за ран детски развој“ што деновиве се одржа во Битола.

Живееме во село Добромири и за нашите две деца да одат во градинка треба да ги носиме во соседното село, тоа е тешко изводливо зашто секојдневно сме врзани со полски работи.

„Живееме во село Добромири и за нашите две деца да одат во градинка треба да ги носиме во соседното село, тоа е тешко изводливо зашто секојдневно сме врзани со полски работи. Најчесто децата во нашите села од дома тргнуваат на школо“, вели Пеце Димовски, жител на Општина Новаци.

Мобилна градинка.

Мобилна градинка.

За разлика од градовите каде има многу градинки и игротеки, над стотина деца од повеќе селски средини со воспитно-образовна настава се сретнуваат дури во прво одделение. Гордана Ристовска Димитровска, иницијатор на конференцијата, вели дека ваквата разлика мора да се надмине.

Резултатите покажуваат дека децата кои не посетувале никаков облик на предшколска едукација стартуваат во основното образование помалку подготвени од другите деца.

„Во селските средини со помалку од 1.000 жители нема никаква инфраструктура за децата кои се од предшколска возраст. Резултатите покажуваат дека децата кои не посетувале никаков облик на предшколска едукација стартуваат во основното образование помалку подготвени од другите деца. Оваа разлика во подготвеноста на децата треба да биде изедначена и нашата држава мора да се потруди да се постигне рамноправен пристап до предшколските едукативни установи за сите деца“, вели Ристовска Димитровска.

Општина Битола веќе отвори нова градинка во селото Долно Оризари, а наскоро и Кравари ќе добие предучилишна установа. Воедно, преку проектот за ран детски развој во организација на Битолскиот универзитет и здруженијата Лајф стар и Исиди Кор, а со средства на Европската унија опремена е првата мобилна градинка во земјава. Тоа е минибус со сите потребни нагледни средства и наставен кадар, кој се преместува од село во село и обезбедува настава за 150 деца на возраст од 3 до 6 години од 12 села во двете општини.

„Постои уверување дека како што порано вложувањето во образованието се сметаше дека се враќа во општеството, во стопанството, исто така постои верување дека вложувањето во раниот детски развој има долгорочен и многу позитивен развој врз општеството“, вели Златко Жоглев, ректор на Битолскиот универзитет.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG