Достапни линкови

logo-print

ВИДЕО: Тепачка во македонското собрание


На тепачката ѝ се приклучија повеќе пратеници, по што обезбедувањето реагираше и ги раздвои.

Тепачка изби на собраниската комисија за финансирање и буџет. Пратениците на ДПА Орхан Ибраими и Талат Џафери од ДУИ по жестока расправија и физички се пресметаа. На тепачката ѝ се приклучија повеќе пратеници, по што обезбедувањето реагираше и ги раздвои.

Пратеникот на ДУИ, Реџаил Исмаили, по тепачката побарал лекарска помош кај лекарот во собраниската зграда.

По паузата, собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2014 година.

Погледнете ги снимките што ги направија колегите од Алсат М.

Пратеникот на ДПА, Имер Алиу, по собраниската тепачка, најави дека неговата партија нема да учествува во работата на законодавниот дом. Тој побара да започне постапка за кривично гонење на Талат Џафери, Реџаил Исмаили, Мирван Џемаили, Артан Груби и Муса Ибраими од ДУИ. Од пратеничката група не сакаат официјално да ја кажат причината за тепачката на Комисијата за финансирање и буџет, но неофицијално велат дека тоа биле вербалните провокации и пцости кои биле упатени од страна на пратеници од ДУИ кон нив.

ДУИ, пак, излезе со осуда на денешниот инцидент за кој велат дека е инициран од страна на пратениците на ДПА, Орхан Ибрахими и Беким Фазлиу и најавија дека ќе побараат формирање на анкетна комисија која што веднаш ќе го расветли овој случај и ќе одреди одговорност за тие што го иницираа.

„Во отсуство на аргументи и конкурентна понуда за албанските гласачи, како и од постојаната фрустрација од последователните порази на изборите, ДПА го заменува политичкото делување со тупаници, со навреди и со отсуство на човечност“, рече Артан Груби од ДУИ.

Денеска на Комисијата за финансирање и буџет се разгледуваа амандманите по предлогот кои ги има поднесено пратеничката група на ДПА.

XS
SM
MD
LG