Достапни линкови

„Остави трага!“ - порачува петтиот фестивал „Слободна зона“


Под мотото „Остави трага!“, од 29 до 31 август, во организација на здружението ОЗТ ФАБРИКА, на неколку локации во Виница, ќе се одржи петтото издание на мултимедијалниот фестивал СЛОБОДНА ЗОНА чија основна заложба е слободното творење, креација и музичка експресија, промисла и развивање на креативниот потенцијал.

Петтиот мултимедијален фестивал СЛОБОДНА ЗОНА ќе биде отворен со изложбата на инсталации „Праг на толеранција“ во виничката галерија „Венеција“ со која современите македонски уметници Маја Кировска, Марија Сотировска, Ивана Пирковска и Тони Димитров во своите дела го претставуваат своето промислување односот помеѓу човекот и природата во судир со денешниот цивилизациски контекст.

Годинава го ставивме мотото „Остави трага!“ токму поради тоа што веруваме дека ние оставаме трага со ваквиот тип на општествено делување и изразување. Всушност тоа е една идеја која што сакаме да ја прифатат сите кои што имаат потреба за алтернативен и слободен простор.

Потем следуваат интерактивните дискусии со Ана Јовковска („Внимавај опасност – слободна зона“) и иницијативата дебатно кино „Контра-Кадар“ од Битола (која што ќе уследи по проекцијата на филмот „Cash&Marry“ во режија на: Атанас Ѓорѓиев), отворајќи теми од социјално политички карактер.

Кристина Горовска, БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА.

Кристина Горовска, БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА.

Публиката ќе има можност да ја проследи и изложбата „Осамениот космонаут и други ѕидни приказни“ на младиот уметник Владимир Лукаш, а нема да бидат изоставени ни театарот и поезијата. Преку родово сензитивни прашања, во ист ден, во рамките на својот перформанс „Слободна поезија“ ќе се разоткријат и ќе ги испровоцираат присутните младите поетеси Ана Голејшка и Снежана Стојчевска, како и актерките кои настапуваат во театарската претстава „Лузни“ што ја режираше Драгана Стојчевска.

Ивана Атанасова, координатор на проектот и претседател на здружение ОЗТ Фабрика кое го организира Фестивалот, вели дека СЛОБОДНА ЗОНА била идеја која подолго време тлеела во Виница и дека конечно пред шест години собрале сили да почнат со скромен музички фестивал со кој сакале да ја артикулираат потребата на тамошните млади луѓе за едно поинакво изразување на нивните пориви. Тие едноставно трагале за простор каде што ќе има слободна креација, уметничка екпресија, простор каде што ќе се развива креативниот потенцијал и ќе биде место каде што ќе се обединат не само локалните жители туку и оние од регионот и државата воопшто кои имаат желба ваквата идеја да ја прошират и во своите градови.

„Годинава го ставивме мотото „Остави трага!“ токму поради тоа што веруваме дека ние оставаме трага со ваквиот тип на општествено делување и изразување. Всушност тоа е една идеја која што сакаме да ја прифатат сите кои што имаат потреба за алтернативен и слободен простор. Им даваме простор на сите алтернативни уметници, почнувајќи од музичарите па преку оние во театарот, перфомансот, литературатата и се до ликовните творци...На сите оние кои што се маргинализирани во ова општество. “

За концертната вечер на 30 aвгуст, денот на ослободувањето на Виница од фашистичките окупатори кој не случајно е земен за датум на одржување на фестивалот, во Градскиот парк е планирано да се одржи голем музички хепениг на кој покрај локалната поддршка ХЕНДИКЕП И АННА О, ќе настапат КАЛЧР ДИВИЛОПМЕНТ, ФОНИЈА, МИЛКО, ГРИН АУТ и енергичните БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА.

Интернационална нитка на фестивалот ќе му даде Португалката Рита Брага, која со својот еклектичен репертоар од песни наново ќе гостува во Македонија. Таа пред неколку месеци со своето укулеле и подари несекојдневен настап на скопската публика, а овој пат во рамките на својата актуелно балканска турнеја ќе ја посети и Виница. Конечно, петтото издание на СЛОБОДНА ЗОНА ќе кулминира на 31 август со концертот на НЕКСТ ТУ САЈЛАНС, составот кој претходната вечер ќе настапи и на „Прилепскиот џез викенд“.

„Гледаме колку можеме да го истераме проектот и колку што можеме да понудиме некаков хонорар, меѓутоа она што е првенствено е дека на сите нив секогаш им е мерак што постои еден фестивал од тој калибар, особено фестивал кој е лоциран надвор од Скопје и кој, меѓу другото, ја поттикнува децентрализацијата на културата во земјава“, дополнува Атанасова.

Кон ова само уште информацијата дека, почнувајќи од 25 до 28 август, ќе се одржи и креативна работилница за печатење на маици како дел од промотивниот материјал на СЛОБОДНА ЗОНА 5 за која задолжени се Маријана Иванова и Марјан Стојановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG