Достапни линкови

Неделен печат - Рамковен, вахабисти и медиумски вувузели


Глобус пишува за скршената рамка на Охридскиот рамковен договор, Република за ИВЗ и вахабистите, Фокус пак за новиот вид на преживување во Македонија.

Глобус - Скршената рамка на Охридскиот рамковен договор

За скршената рамка на Охридскиот рамковен договор со кој беше прекинат конфликтот во 2001 година пишува авторот на колумната „Таленти“ во најновиот Глобус, за да забележи дека партиите на власт се најголеми двигатели, промотори и злоупотребувачи на национализмот, особено последниве неколку години.

Рамките на Рамковниот кои за ДПМНЕ и ДУИ одамна се празни, сега се и непотребни.
Глобус.

Срамниот и деструктивен однос кон Рамковниот при неодамнешното одбележување на 13 години од потпишувањето на овој документ, не е само потврда туку и сосема јасна порака. Рамките на Рамковниот кои за ДПМНЕ и ДУИ одамна се празни, сега се и непотребни. „Контролираниот национализам“ е главно обележје на годините на заедничко владеење на двете партии на власт... и со неговото поттикнување се прикриваат тоталитарното владеење, самоволието во трошење народни пари, корупцијата, неконтролираниот и незаситен грабеж.

Неодговорното „контролирано играње“ со национализмот е дело на болни умови, а каде води и какви ќе бидат последиците од „смисленото кршење на рамките и непочитување на Рамковниот договор? И, што е следното, кога партиите на власт сосема ќе ја скршат рамката на Рамковниот договор? Кога болните „играчи“ со национализам повеќе нема да сакаат или нема да можат да го контролираат национализмот, кога тој ќе пламне како оган?, завршува авторот во Глобус со прашања кои тераат на сериозно размислување.

Реџепи целосно и искрено мора да соработува со државните институции и конечно во неговата верска институција да се знае кој пие, а кој плаќа.
Република.

Република - ИВЗ ја префрла одговорноста за вахабистите на МВР

Република, во уводникот од главниот уредник, го прозива поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, да престане да го минимизира проблемот на постоење вахабисти кои во две скопски џамии ги наметнуваат своите толкувања на Куранот онака како што тие го сфаќаат - радикално. Авторот вели дека „сега, навидум загрижен за проблемот, поглаварот многу наивно се обиде да ја префрли одговорноста за ситуацијата врз МВР“. Наместо да се крие зад двосмислени изјави, завршува Република, Реџепи целосно и искрено мора да соработува со државните институции и конечно во неговата верска институција да се знае кој пие, а кој плаќа.

Фокус - Исклучен мозок- вклучени вувузели

Инспириран од „пресечувањето“ на министерот Тодоров во случајот „Екстра меин“ при што ги игнорира наодите на повеќе независни институции, Фокус во уводникот потсетува дека сме заборавиле да го вклучуваме мозокот, да ги процесираме и обработуваме вестите и информациите. Денес, вели, има кој да го прави тоа за нас. Медиумските вувузели се сè посилно инфилтрирани во телевизиското секојдневие, а султанот Сулејман најчест гостин во нашите домови да нè потсети дека сечењето глави не е измислица на ИСИЛ во Ирак. Конформизмот кај нас е заменет со нова фаза на преживување. Нова доктрина врз која живеат и живуркаат учителките, но и некогашни професорски величини, лекарски легенди, поранешни новинарски брендови или бизнисменски могули, пишува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG