Достапни линкови

Рафиз Фера награден за фотографија на Интеркултурни средби


Рафиз Фера, апсолвент на одделот за графички дизајн на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, за фотографијата „Hole in the City Wall“, е еден од петте првонаградени учесници на меѓународниот натпреварот за фотографија „Интеркултурни средби“ организиран во Австрија.

Во конкуренција од 189 фотографии од учесници од различни земји во светот, „Hole in the City Wall“ на нашиот Рафиз Фера е една од петте првонаградени на Меѓународниот напревар „Интеркултурни средби“ што се одржува во Австрија.

Скопје е место кое обединува различни култури и религии од минатото и сегашноста кои комуницираат меѓусебно низ просторот и низ времето. Ова е фотографија која прикажува градски пејзаж виден преку пушкарница на средновековна тврдина.

Рафиз Фера, фотограф.

Рафиз Фера, фотограф.

„Скопје е место кое обединува различни култури и религии од минатото и сегашноста кои комуницираат меѓусебно низ просторот и низ времето. Ова е фотографија која прикажува градски пејзаж виден преку пушкарница на средновековна тврдина. На фотографијата се гледа Саат-кулата изградена во 16 век со часовник кој бил изработен во Унгарија и џамија од времето на Отоманската империја испреплетени со современата архитектура. Тоа е мал исечок од градскиот пејзаж кој со помош на симболи од минатото, ја раскажува приказната за интеркултурните средби во мојот град денес“, вели Фера, чија творба заедно со оние на Џоел Лукови, Душана Балтиќ, Тереза Белкоу и Мерике Бојсен, ќе се најдат на изложбата што ќе биде прикажана во повеќе метрополи на петте континенти.

Со фотографија се бавам скоро седум години, но посериозно откако започнав да ја изучувам како предмет на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје. Едноставно таа ми стана опсесија.

Рафиз Фера е млад дизајнер кој живее и работи во Скопје. Тој, покрај графичкиот дизајн, од неодамна активно се занимава и со фотографија.

„Со фотографија се бавам скоро седум години, но посериозно откако започнав да ја изучувам како предмет на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје. Едноставно таа ми стана опсесија. Се вљубив во тој медиум, та дури и ја засакав повеќе од дизајнот и еве сега се обидувам обете дисциплини да ги вклопам во моето творештво“, дополнува Фера.

Натпреварот за фотографија насловен „Интеркултурни средби“ ја претставува најновата иницијатива на работната група „Дијалог на културите“ („Dialogue of Cultures“) основана во 2007 од Австриското министерство за надворешни работи и има за цел да ги долови импресиите и искуствата во полето на интеркултурниот дијалог во форма на слики преку различната интерпретацијата, разбирање и пристап на фотографите. Централен аспект има патувањето, кое претставува импресивна алатка за пристапување и истражување на различните култури и религии.

Инаку, на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, студентите предметот Фотографија го изучуваат во трета година од студиите кај доцент м-р Маја Кировска, и на повикот за натпреварот учествуваа организирано по известувањето од Амбасадата на Република Австрија, кое оваа наша високообразовна институција го доби со посредство на Министерството за култура на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG