Достапни линкови

Доставени мерки до градинките за превенција од жолтица


Министерството за труд и социјална политика до градинките ги достави мерките за превенција од жолтица утврдени од Комисијата за заразни болести, по прогласената епидемија во Скопје и во Штип.

Градинките ќе треба да направат дезинфекција, дератизација и дезинсекција на просториите, опремата и дидактичкиот материјал со кои располагаат установите, односно градинките.

Комисијата за спречување на заразни болести препорачува темелно миење на рацете задолжително пред секое јадење и по секое одење во тоалет, миењето на раце треба да биде со течен сапун или со сопствен сапун.

Храната веднаш да се користи по подготвувањето и доколку не може да се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени во фрижидер и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени. Да не се консумира сурова и недоволно термички обработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи и јајца. Суровата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно во посебни заштитени садови за да се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна. Да не се остава подготвената храна на собна температура, односно да се става подготвената храна веднаш во фрижидер по подготвувањето. Подготвената храна се препорачува во фрижидер да се чува максимум три дена и да не се подгрева повеќе од еднаш.

XS
SM
MD
LG