Достапни линкови

Дневен печат - СДСМ со нова стратегија и без Буралиева и Грчева


СДСМ ги исклучи пратеничките Љубица Буралиева и Солза Грчева од партијата и усвои стратегија во вонпарламентарно делување, пишуваат дневните весници.

Најинтересната вест за печатените медиуми, очигледно, е онаа за исклучувањето на двете пратенички од СДСМ од партијата. „Буралиева и Грчева исклучени од СДСМ поради непочитување на највисоките тела на Партијата“, објави Вечер. Утрински информира дека „СДСМ едногласно ги исклучи Буралиева и Грчева од Партијата“. И Дневник ја објавува истата вест.

Епилогот на политичката криза крајно неизвесен - наспроти проценките дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе постигнат договор за прекин на бојкотот на парламентот, има предвидувања дека барањето за техничка влада сосема ќе ги парализира разговорите.
Утрински весник.

Од седницата на ЦО на СДСМ, Слободен печат во насловот објавува: „Нема дијалог со власта, нема ни враќање во Парламентот“. Утрински анализира: „Епилогот на политичката криза крајно неизвесен - наспроти проценките дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе постигнат договор за прекин на бојкотот на парламентот, има предвидувања дека барањето за техничка влада сосема ќе ги парализира разговорите“.

Утрински го објавува и отвореното писмо од градоначалникот на Центар, Жерновски, до министерката Јанкулоска, во кое ја повикува да ги пронајде и казни виновниците за инцидентите што се случија уште лани во јуни пред општинските бараки за да ја заштитат изградбата на црквата „Светите Константин и Елена“ во центарот на главниот град, како што беше објавено: „Протестите се реален настан“, ја потсетува Жерновски Јанкуловска.

Ни треба јасна визија за Македонија.
Нова Македонија.

Интерес кај печатените медиуми предизвика и трибината на МАНУ за актуелните состојби во државава. „Ни треба јасна визија за Македонија“, објавува Нова Македонија и додава дека академиците порачуваат дека е неопходна нова стратегија за развој на државата, која за време на транзицијата сепак не ги развила своите институции и се соочува со отворени национални и етнички прашања. „Развојниот компас сепак зависи од волјата на Владата“, вади друг наслов од дебатата на академиците во Охрид, Утрински. Притоа весникот го цитира академик Старделов, кој вели дека клучната криза кај нас е кризата на институциите кои немаат своја слобода и автономија, и претседателот на МАНУ, академик Камбовски, кој смета дека Рамковниот договор не се ефектуира на граѓанскиот, туку сè уште е на нивото на политичкиот концепт.

Вечер оди со наслов: „Исламскиот радикализам присутен во земјава - муслиманите во Македонија бараат заштита од исламистите“, цитирајќи го првиот човек на ИВЗ, Реџепи, дека неколку пати барале помош од МВР да спречи користење на некои скопски џамии за проповеди на радикалните исламисти.

И како за крај, запомнете го овој август, ќе се повтори дури по 823 години! - има пет петоци, 5 саботи и 5 недели, а таков феномен се повторувал на секои 823 години! - објави Вечер.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG