Достапни линкови

Дописникот на Њујорк Тајмс не смее да го напушти Авганистан


Авганистанскиот јавен обвинител му забрани на дописникот на весникот Њујорк Тајмс да ја напушти земјата, поради тоа што објавил дека група функционери размислуваат да ја преземат власта, поради ќор-сокакот во кој дојде земјата околу тоа кој е победник на неодамнешните претседателски избори. Портпаролот на јавниот обвинител соопшти дека завчерашниот текст на новинарот Метју Розенберг е „спротивен на законот и на националните интереси на Авганистан“. Новинарот за денеска е повикан да дојде во обвинителството со адвокат.

САД соопштија дека се „длабоко вознемирени“ од одлуката на авганистанските власти да му забранат на новинарот да ја напушти земјата. Стејт департментот вчера ја повика авганистанската влада „да ги почитува основните слободи на изразување и слободата на печатот“.

На првиот круг од претседателски избори не 6 април не беше избран претседател, а по вториот круг што се одржа во јуни имаше обвинувања за сериозна изборна кражба. Кандидатите Ашраф Гани и Абдула Абдула на крајот потпишаа заедничка декларација според која ќе соработуваат за формирање влада на национално единство, откако ќе заврши ревизијата на гласовите од вториот круг на претседателските избори. Њујорк Тајмс објави дека некои функционери, поврзани со безбедносните служби, „се закануваат дека ќе ја преземат власта“ за земјата да излезе од политичкиот ќор-сокак.

XS
SM
MD
LG