Достапни линкови

logo-print

Охриѓани бараат стратегија за иднината на градот


Неопходна е нова стратегија за идниот развој на Охрид, бидејќи градот се соочува со тешка финансиска состојба и се помасовно иселување, особено на младите, велат упатените.

Интелектуалци од Охрид предлагаат одржување на Самит за Охрид каде ќе се разговара за состојбата во која се наоѓа балканскиот Ерусалим. Идејата е на Дејан Пановски од Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро и актуелен советник во Советот на општината од ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека е неопходна нова стратегија за идниот развој на градот кој се соочува со тешка финансиска состојба и се помасовно иселување, особено на младите.

Охрид се уште има буџетски, стратешки и кадровски проблеми во функционирањето што се одразува на неговата туристичка понуда и на целосно управување на градот.

„Охрид се уште има буџетски, стратешки и кадровски проблеми во функционирањето што се одразува на неговата туристичка понуда и на целосно управување на градот. Најдобро би било во наредниот период сите надлежни институции под лидерство на општината да направат специјален состанок или самит за Охрид, во кои ќе се разгледаат сите можни варијанти за иднината на Охрид. Ќе се предложи работна група која ќе ја изработи стратегијата“, рече Пановски.

Седница на Советот на Општина Охрид.

Седница на Советот на Општина Охрид.

Локалната самоуправа сега треба да покаже лидерство кое му е неопходно на Охрид, да ги собере сите заинтересирани страни и меѓународни партнери и да знаеме каде да се движиме во наредниот период, вели Пановски.

Треба да се посвети повеќе внимание на работата на локалната самоуправа и да и се даде можност на локалната самоуправа сама да ги решава проблемите без партиски притисоци. Проблемот во Охрид не е дали има или не стручен кадар, проблемот не е дали има 30 милиони долг, бидејќи и државата е задолжена.

Владо Чингоски, адвокат и поранешен претседател на Советот на општината, вели дека постои можност за еден до два мандати да се врати долгот кој го има општината, но доколку изворните приходи успешно би се реализирале и добро би се трошеле, но и ако се отстранат непродуктивните партиски вработувања, карактеристични сите години наназад, со што би се ослободила огромна сума на пари кои не би оделе за плата.

„Треба да се посвети повеќе внимание на работата на локалната самоуправа и да и се даде можност на локалната самоуправа сама да ги решава проблемите без партиски притисоци. Проблемот во Охрид не е дали има или не стручен кадар, проблемот не е дали има 30 милиони долг, бидејќи и државата е задолжена. Добро би било да се добие некоја финансиска инјекција од страна, но тоа тешко бидејќи државата тешко ги добива парите, а не пак ние како општина“, вели Чингоски.

Универзитетскиот професор Стефан Буџакоски рече дека секоја добра идеја треба да се разгледа.

„Треба да се седне, да се вклучат стручњаци, бидејќи треба да се оди по принципот дека идејата е секогаш добредојдена, но треба да се користат луѓе кои се стручњаци во одредени области. Треба да се направи тим кој тоа ќе го операционализира“, рече Буџакоски.

Буџакоски кој инаку е член на ВМРО- ДПМНЕ, вели дека партијата која е на власт треба прво да ги определи приоритети, а потоа да ги исполнува чекор по чекор.

„Во Охрид не може се одеднаш да се санира, бидејќи голема пречка е оптовареноста на општината со финансии. Но тоа не треба да биде пречка за да можеме ние да кажеме дека не можеме да го развиваме Охрид“,рече Буџакоски.

И пред неколку години од група граѓани беше покрената идеја за формирање на граѓанско здружение за спас на Охрид, но истата пропадна.

XS
SM
MD
LG