Достапни линкови

logo-print

Неконтролираните џамии може да предизвикаат проблеми


Илустрација.

Илустрација.

Немањето на контрола од ИВЗ врз сите џамии може да има опасност од безбедносни ризици и по исмалот и по државата, велат дел од аналитичарите.

Изјавата на претседателот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи дека две џамии не се под целосна контрола на ИВЗ, ги подели мислењата во јавноста за опасноста од безбедносни ризици. Иако поглаварот Реџепи вели дека за овој проблем неколкупати досега барале помош од Mинистерството за внатрешни работи, од полицијата велат дека мораат да постапуваат во согласност со законите. Потврдуваат дека досега имале неколку средби со поглаварот и оти имаат добра соработка со ИВЗ, но остануваат на ставот дека не смеат да интервенираат надвор од своите надлежности.

Се работи за централизација или децентрализација на објекти од верскиот авторитет. Во исламот е поприлично децентрализиран верскиот авторитет, работа е дали тој авторитет се воспоставува со формални критериуми на знаење или со некои нерегуларности.

Аналитичарот Рамадан Рамадани, пак, вели дека немањето контрола врз Јахја- пашината џамија која се споменува како една од двете кои немаат целосна контрола од ИВЗ не треба да се сфаќа како некаква опасност за безбедноста. Според него се работи за група луѓе кои одлучиле да покажуваат непослушност кон одреден верски авторитет.

Илустрација.

Илустрација.

„Се работи за централизација или децентрализација на објекти од верскиот авторитет. Во исламот е поприлично децентрализиран верскиот авторитет, работа е дали тој авторитет се воспоставува со формални критериуми на знаење или со некои нерегуларности“, вели аналитичарот Рамадан Рамадани.

Ваквите влијанија од некои туѓи проекти кои се наметнуваат во Република Македонија одат на штета и на исламот и на државата и на самата верска организација што е надлежна да ги контролира џамиите.

Со ваквиот став не се согласува аналитичарот Абзим Мустафа. Тој вели дека праксата покажала дека во тие џамии се инфилтрирани поединци кои ги поттикнуваат младите да одат да војуваат во кризните подрачја, факт кој го потврдува и исламскиот поглавар Реџепи во интервју за Гласот на Америка на албански јазик.

„Ваквите влијанија од некои туѓи проекти кои се наметнуваат во Република Македонија одат на штета и на исламот и на државата и на самата верска организација што е надлежна да ги контролира џамиите“, вели Мустафа.

Рамадани, пак, не верува во ваквите информации. Според него, за какви било нерегуларности во организирањето на верскиот живот, најодговорни се верските заедници.

„Нема врска со џамијата или со населението кое гравитира кон таа џамија, повеќе од верскиот авторитет. Сега во време на глобализација, секој може од еден крај на светот да се инспирира од друг крај.“

Мустафа укажува на потребата од соодветна реакција од надлежните органи, а, се со цел спречување на несаканите појави и последиците од нив.

„Државата треба да донесува закони, но тие ништо не значат ако не се применуваат. Треба да има некој вид на надгледување, што се случува, без разлика дали тие се под покровителство на верската исламска заедница или на другите групации.“

Министерката за внатрешни работи вчера изјави дека актуелното законско решение со кое се предвидува санкционирање на организаторите и оние кои ги поттикнуваат лицата да војуваат во Сирија, Ирак или Авганистан е нецелосно и оти има простор во кривичниот законик да биде вградена казна за оние кои лично учествуваат во странски војни.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG