Достапни линкови

logo-print

Отпис на долгови што нема ништо да реши


Еднократниот отпис на долговите на ранливите категории нема ништо да реши, затоа што тие и понатаму ќе останат сиромашни и во иднина нема да може да ги плаќаат новите сметки, велат економистите.

Ќе поднесам барање, но не верувам дека ќе ми го одобрат и ќе ми ги отпишат долговите, вели еден граѓанин, кој спаѓа во најранливите категории и чека пред Центарот за социјална работа. Вели дека со 7.000 денари, колку што ги има месечно, и да сака, не може да ги плаќа сметките.

Ќе конкурирам, па да видиме што ќе биде, не верувам ништо да биде.

„Ќе конкурирам, па да видиме што ќе биде, не верувам ништо да биде.“

„Ако сака ќе те одбие одма, сега е компјутерски, одма ќе те одбие“, велат граѓаните што чекаат пред Центарот за социјални работи.

Малку е нерамноправно кон тие што плаќаат, ама зашто се социјални случаи, мислам дека е во ред.

Среќата да си ја пробаат, одлучиле и други Скопјани кои стрпливо чекаат пред Центарот за социјална работа. Денеска се распрашуваа за документите кои се потребни за да го поднесат барањето за отпис на долгови, но скоро сите ни го кажаа истото, дека не се убедени оти мерката ќе го даде посакуваниот ефект и оти истата ги става луѓето во нерамноправна положба.

„Нека биде како што треба, регуларно.“

„На телевизија кажуваат, ама дали ќе биде така ќе видиме.“

„Ветување само, работата е само да кажува, а не да ветува и да го нема никаде.“

Тие што не можеле да ги плаќаат сметките во минатото претпоставувам дека нема да може да ги плаќаат ниту во иднина, зашто немаат приходи.

„Малку е нерамноправно кон тие што плаќаат, ама зашто се социјални случаи, мислам дека е во ред“, велат анкетираните граѓани.

И за економските експерти мерката за отпис на долговите на социјално ранливите категории е неекономска и непазарна, туку политичка и краткорочна.

„Граѓаните може да влезат сега дури и во ситуација да мислам дека ова може и да се повторува и да престанат да ги плаќаат сметките, затоа што на некои други избори после една или две години повторно ќе се случи истото и државата да ги прости комуналните сметки, па дури и долговите што ги имаат граѓаните на кредитните картички“, коментира универзитетскиот професор Никола Поповски.

Тој потсетува дека оваа мерка е нестандардна и не се применува во ниту една друга економија во светот. Ниту тука нема да се применува повеќе од еднаш, вели Поповски, оти мерката е планирана како предизборно ветување, со цел да се придобијат гласовите на граѓаните, а не да се подобри нивната економска состојба.

„Владејачката партија тоа го понуди, граѓаните на изборите, поради таа и други такви мерки, ѝ ја дадоа довербата и сега владата ќе го реализира, ќе одвои дел од даночните приходи за отпис на долговите на оваа категорија граѓани и тука ќе се заврши. Тие што не можеле да ги плаќаат сметките во минатото претпоставувам дека нема да може да ги плаќаат ниту во иднина, зашто немаат приходи“, вели Поповски.

Со оваа мерка ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична и топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио-дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.


Со мерката се отпишуваат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50 и 100 илјади граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG