Достапни линкови

Балканот извезува екстремисти и платеници


Бројот на луѓето од некои земји на Балканот кои одат да војуваат во Сирија, Ирак и Украина, според извештаите, постојано растел. Тоа и покрај мерките што во Босна и Херцеговина, Косово и Србија се преземаат за запирање на ваквата појава. Зошто младите луѓе се решаваат на ваков чекор?

На осми август 23-годишниот Босанец Емра Фојница се разнесе во самоубиствен напад во Ирак како џихадист на Исламската држава. Неколку денови потоа десетици Косовари беа уапсени под сомневање дека биле исламски радикали. Властите на Србија, пак, проценуваат дека десетици Срби се борат и на двете страни од конфликтот во Украина.

Според Меѓународниот центар за проучување на радикализмот во Лондон, околу 6 отсто од странските борци во Ирак и Сирија потекнувале од Балканот.

Имаме парадоксална ситуација во која на младите од 19 или 20 години им е посмислено да одат во војна во далечна земја отколку да останат во Босна и да бараат некаква смисла на животот тука.

Босна веќе усвои закон за казнување на ваквата активност, а сличен закон разгледуваат и парламентите на Србија и на Косово. Сепак, постои сомневање дека ваквите мерки нема да бидат ефикасни.

„Четничкото движење има луѓе во Русија кои живеат и работат таму. Тие можат да одат во Украина преку Русија, не директно од Србија“, вели Стеван Вукојевиќ, претставник на Четничкото движење кое регрутира српски доброволци за да се борат заедно со сепаратистите во Украина.

Поалармантна е ситуацијата во Босна и Херцеговина. Повеќето од луѓето кои одат во Сирија и Ирак се под влијание на вехабистите кои имаа своја заедница во село Горња Маоча.

„Се додека беа тука, тие поставуваа свои правила. Ни беше многу тешко да живееме во Маглај. Бевме лишени од нормални настани, како Нова година и печење ракија на пример. Луѓето се плашеа“, вели пратеникот во босанскиот парламент Мехмед Брадариќ.

Директорот на босанската разузнавачка агенција Алмир Џуво дури се сомнева во решеноста на властите да се справат со исламскиот екстремизам.

„Да имате сознанија кои ние ги имаме каква е вмешаноста меѓу структурите на власта, вие би биле позагрижени отколку што сум јас“, наведува Џуво.

Причините за појавата на ваквиот воен туризам, според социолозите во Босна и во Србија, се многу подлабоки.

„Имаме парадоксална ситуација во која на младите од 19 или 20 години им е посмислено да одат во војна во далечна земја отколку да останат во Босна и да бараат некаква смисла на животот тука“, оценува Владо Азиновиќ, професор по политички науки во Сараево.

На ист став е и психологот Воислав Ќурчиќ од Белград.

„Кога општеството е во криза, а нашето е, имате плодна почва за развој екстремизам. Има многу незадоволни луѓе кои мислат дека екстремизмот ќе ги направи подобри. Целата општествена клима поттикнува развој на екстремизам“, вели тој.

Токму поради тоа расте и загриженоста од ваквата појава на Балканот.

„По враќањето на платениците, ќе се генерира некоја група луѓе кои можат да претставуваат вистинска закана, не само за Србија, туку и за целиот регион“, предупредува српскиот воен аналитичар Бојан Димитријевиќ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG