Достапни линкови

Станови многу, а цените не паѓаат


Народната банка во последниот извештај утврди дека од април до јуни цените на становите се повисоки за 2,2 отсто на квартална основа.

Во последно време има раст на цените за метар квадратен, а освен кај становите, има раст и на цените кај куќите и плацовите. Народната банка во последниот извештај утврди дека од април до јуни цените на становите се повисоки за 2,2 отсто на квартална основа. Според познавачите на недвижности, зголемувањето на цените кај становите е парадоксално, бидејќи има голема понуда на станови во градба, а цените не паѓаат.

Голема е понудата на станови во новоградба, значи на секој чекор се градат станбени згради на места каде што постоеле мали куќи, понуда има огромна, но цените стојат, па дури и се качуваат, значи нема објаснување.

„Голема е понудата на станови во новоградба, значи на секој чекор се градат станбени згради на места каде што постоеле мали куќи, понуда има огромна, но цените стојат, па дури и се качуваат, значи нема објаснување“, вели Лорија Ваневска, која има искуство на пазарот со недвижнини.

Таа смета дека побарувачката за станови во Скопје од други градови во државата е една од причините поради што се зголемува цената за метар квадратен во главниот град.

Градбата никогаш не била толку евтина како во изминативе неколку години. Материјалите за градба се многу поевтини и тука наоѓаат математика оние кои почнуваат со градба на станови.

„Можеби големиот прилив од страна, голем дел од граѓаните од внатрешноста сакаат да си купат стан во Скопје од разни причини, дали децата студирале па да има каде да живеат итн., меѓутоа цената е неоправдано голема затоа што денеска градбата е доста поевтина од порано“, вели Ваневска.

Државата се обидува да не ги покачува цените на државните станови во ситуација кога цените растат, но стручњаците не мислат дека ова ќе влијае на пазарот со недвижнини, а исто така не може да предвидат дали може да се очекува стабилизирање на пазарот со недвижнини.

Во меѓувреме бројките зборуваат за големиот интерес за купување станови. Во мај најмногу дозволи за градба се издадени во Центар и во Аеродром. Атрактивни за изградба на станови се и скопските општини Ѓорче Петров, Карпош и Бутел. Но, она што е интересно е дека има зголемување на цените на становите и во некои градови во внатрешноста. Еден од нив е Куманово. Според познавачите, тоа може да се должи на интересот на луѓето кои работеле во Авганистан, по нивното враќање, да инвестираат во недвижности.

Коментирајќи ги цените за становите на приватните инвеститори, Ваневска тврди дека тие не се реални.

„Градбата никогаш не била толку евтина како во изминативе неколку години. Материјалите за градба се многу поевтини и тука наоѓаат математика оние кои почнуваат со градба на станови. Сведоци сме дека се формира градежна фирма со два-тројца вработени и градат згради, значи имаат интерес тоа да го прават“, вели Ваневска.

Според агенциите, најголем интерес има за помали станови со големина до 50 квадратни метри, додека за оние со средна големина речиси и нема интерес.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG