Достапни линкови

Крстевска - К-15 да се исплаќа во ваучери за одмор во Македонија


Наместо К-15, ваучер за одмор
please wait

No media source currently available

0:00 0:17:50 0:00

Интервју со Лела Крстевска

Регресот за годишен одмор или популарно наречениот К-15, кој од годинава е задолжителен во приватниот сектор, да се исплаќа во ваучери за одмор во Македонија, предлага претседателката на Стопанската комора за туризам на Македонија, Лела Крстевска во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Таа вели дека на тој начин домашните туристи ќе останат во земјава, ќе се зголеми сезоната, ќе се намалат цените на хотелските услуги и ќе се влијае на растот на туризмот во Македонија.

Госпоѓо Крстевска, да почнеме со она што е најактуелно во моментов, тоа е туристичката сезона во Македонија и жалбите за лоша туристичка сезона во Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески ги обвини медиумите за лошата туристичка сезона, граѓаните, пак, велат дека во Охрид е многу скапо и за тие пари може да отидат на море. Каде е вистината?

Верувајте дека во овие услови на криза со којашто во моментов се соочуваат повеќето земји во светот, а и туристичката индустрија како гранка се соочува со зголемена конкурентност, тешко е да се одржи позитивниот раст, тешко е да се одржи зголемен број на посети, тешко е да се одржат повторливите посети, односно туристите што се враќаа, поради огромниот избор што се јави во последни време, се отвораат нови туристички дестинации, секоја атракција веќе станува туристичка дестинација, аква паркови итн., така што конкурентноста е навистина тешка и во таа смисла Охрид се бори со кризата на свој начин, но и со негативната кампања.

Но, негативната кампања новинарите не ја измислија. Таму навистина има контејнери што не се чистат редовно, навистина кафе што чини три евра колку што чини и на море…

Така е. Цените ги одредува понудата и побарувачката, ги одредуваат трошоците и приходите и најмногу од сè, Охрид е град, а не ресорт, и цените во Охрид најмногу ги одредува сезоналноста. Верувајте дека е многу тешко, како бизнисмен го зборувам ова, многу е тешко да се одржи конкурентна цена со работење два или максимум три месеци, а во Охрид сезоната е и помала, поради тоа што тоа придонесува за големи социо-економски турбуленции од причина што не може да држите ниту персонал 12 месеци, статично во еден објект, како приватен сектор, ниту, пак, можете да одржите некаков квалитет којшто би го задоволил барањето на туристите коишто доаѓаат во моментов, повеќето странски во Охрид. Сезоналноста си носи многу негативни импликации и она на што треба да се насочиме е зголемување на сезоната во Охрид, односно за почеток да бараме зголемување на претсезонскиот и посезонскиот период.

Како?

Има начини како тоа се прави. Во зголемување на конкурентноста дестинациите во светот правеле многу обиди да се зголеми сезоната, а да се намали сезоналноста. Ние мора да гледаме како Охрид котира во споредба во слични дестинации. Со кого ние го споредуваме Охрид па велиме дека не му оди добро? Со кого, со Дојранското Езеро, со Преспа или со Езерото Комо во Италија. Не треба да заборавиме дека ако гледаме како туристички регион, охридско-преспанскиот, напротив, бележи пораст. Јас во изминативе две недели неколку пати сум слушнала колку е убава плажата во Дупени и наскоро ќе одам да ја посетам. Во Преспа се развива една туристичка дестинација којашто беше успана во изминатите три-четири години. Знаете како, колку е чашата полна или празна, ако гледаме негативно можете да најдете маани и сето тоа е факт, но јас сметам дека на поголемо регионално ниво овој регион бележи пораст во однос на понудата и во однос на квалитетот на услугите коишто се нудат. Точно е дека има поскапи кафиња, но точно е и дека во Грција има кафе по 10 евра, можеби не сте ги посетиле таквите објекти, но точно е и дека во Охрид има супер средени плажи, точно е и дека не може да кажеме дека ако плажата денеска не е полна, нема туристи во Охрид, поради тоа што можеби времето денеска не е убаво или има многу настани, па јас не отидов во Охрид затоа што е многу голема гужва, а има луѓе што сакаат гужва па ги посетиле.

Значи дека на туризмот не му оди толку лошо колку што се претставува?

Да, да. Јас мислам дека е многу рано да зборуваме за туристички резултати, затоа што сезоната не е завршена, сè уште трае. Мислам дека на крајот на сезоната ќе можеме да сублимираме, да видиме како било и што се случило и да заземеме стратегија и да преземеме чекори за поуспешно да продолжиме и да ја пречекаме наредната сезона. Она на што навистина треба да пазиме и она што навистина сериозно влијае на развојот на сезоната, оваа и идната, е безбедноста и сигурноста на туристите. Она што не смее да ни се случува се инциденти, да не речам криминални и агресивни дејствија коишто се случуваат во туристичките дестинации, тоа е она што навистина му пречи на туризмот.

Во последните пет години се намалува бројот на домашни туристи. Зошто се намалува бројот на домашни туристи во Македонија? Како да ги задржиме тука?

Бројот на домашни туристи се намалува од многу фактори, мене најмногу ми се импликативни визните режими. Со воведување на нискобуџетните летови, со воведување на слободата на патување, со симнување на влезните бариери во земјите се зголеми можноста да се патува надвор и тоа е добро, тоа е позитивно, затоа што секој ќе има можност да види што се случува на другата страна на дестинацијата и тоа е позитивно затоа што се изострува вкусот и преференците на туристот, затоа што на домашните туристи им се стандардизираат знаењата во однос на очекувањата во туристичката понуда. Затоа што ќе посетат хотели од 5 ѕвезди, ќе посетат хотели од 3 и од една ѕвезда и ќе направат еден стандард во своето туристичко искуство, како тоа навистина изгледа некаде и како тоа изгледа кај нас. Со тоа ќе имаат можност да влијаат на подобрување на работите во нашата домашна индустрија. Не го гледам тоа што има намалување на домашниот туризам како толку лош момент, затоа што, за мене како бизнисмен, ако некој параметар не е исполнет до неговиот оптимален дел, значи дека има можност за развој. Треба да работиме како да останат домашните туристи во Македонија. Оваа година, она што мене ми дојде како идеја е законската обврска да се исплаќа К-15, односно регрес за годишен одмор. Зошто не би го користеле регресот за годишен одмор во Македонија? Ете конкретен предлог.

Со ваучери на пример?

Да. Значи, јас гарантирам дека ниту еден, ниту хотелите од 5 ѕвезди, гарантирам за сите хотели, јас го знам пазарот и работењето, дека ниту еден хотел нема да одбие вон сезона, кога има исполнетост од 10 отсто, да биде исполнет 60 отсто и да продаде аранжман од 6 ноќевања, односно 7 дена, за 150 евра, не постои таков хотел во Македонија. Можеме да го правиме тоа и да биде многу успешна приказна, затоа што одморот трае повеќе од 20 дена, а една недела е доволно да се искористи и да се експлоатира некое домашно богатство и да се унапреди работата на домашните туристички работници, да се продолжат сезоните во местата, затоа што претсезоната во Охрид можеби почнува во мај, но зошто и април да не биде полн со домашни гости. Или доколку се направи евалуација на капацитетите на крајот на оваа сезона и кажеме дека странските туристи го окупирале хотелот толку проценти и приватното сместување толку проценти, дајте да понудиме добра цена и да ги пополниме овие капацитети со домашни гости. Во желбите за патување не можеме да се мешаме, дали еден турист, еден патник, еден гостин, како сакате кажете го, преферира море или езеро, тука не може да се мешаме, дали некој ќе оди три пати во Охрид, а еднаш во Грција, тука не може да се мешаме, но можеме да се мешаме во тоа да направиме домашните туристи повеќе да остануваат во домашните капацитети, односно дел од одморот да се искористи на домашен терен и тоа би било нешто што многу би помогнало на сезоналноста на туристичките дестинации во Македонија и би ја зголемило сезоната во зимските и во езерските центри. Од друга страна, пак, би придонело да се задржи вработеноста во туристичките капацитети, работниците би ги задржале своите работни места, онаму каде што работат сезонски, се разбира, и би придонеле за поголем приход во хотелските објекти и самото тоа би допринело до пониска цена, затоа што колку еден хотел има повеќе гости, толку има повеќе можности да ја намали својата цена.

Ги споменавте и странските туристи. Статистиката покажува дека има сериозно зголемување на бројот на странски туристи во изминативе неколку години. Можеме ли да се фокусираме на странските туристи, тие да ни бидат главен извор на приходи во туризмот?

Позитивниот тренд во странските посети е нешто што за нас како земја е многу значајно и треба да го гледаме како многу голема придобивка, затоа што на глобално ниво туризмот расте, и ете ние како Македонија тука сме глобални, но она што кај странските посети треба да го, би кажала, прошириме, а не измениме, е да понудиме и други дестинации, да ги прошириме езерските посети со комбинација со некаква друга посета од типот на културни споменици итн. Во ред е што го форсираме Охрид и сè е тоа на место и има резултати, но може...

Тоа сакав да ве потпрашам, статистиката покажува дека странските туристи во Македонија остваруваат во просек по 2-3 ноќевања. Како да ги натераме да останат подолго, како да ги задржиме повеќе од тие два или три дена?

Ние мораме да бидеме малку пошироки во тој поглед, затоа што земјите во регионот многу брзо се развиваат. На пример, имаме зголемен прилив на странски туристи при сосед Албанија, едно приморје, едно девствено крајбрежје коешто цел свет чека да го води. Знаете, тоа не е едноставно и не е лесно да се постигне. Она што ние можеме како земја да им го понудиме на странските туристи е, освен езерскиот туризам, планинскиот туризам и културниот туризам, Во тие две насоки, збогатени со винскиот и гастрономскиот туризам, ние нудиме еден комплетен продукт-микс, којшто може да ги задоволи желбите и на најсензитивните туристички посетители, но она на што треба да работиме е постепено, макар и за еден ден да ја зголемуваме должината на престој, со тоа што ќе го менуваме местото на престој, да не биде во место, само во една дестинација, туку туристите малку да ги раздвижиме на територијата на целата република. Зошто е тоа битно? Затоа што ваквиот начина на туристичка понуда ќе можеме да очекуваме повторни посетители следната година. Оној што ќе престојува седум дена во Охрид, ќе го запознае Охрид, но тие два дена што ќе ги помине во некоја друга македонска дестинација можеби ќе влијаат на неговата одлука следната година повторно да ја посети Македонија, што е многу битно и е нешто за што ние треба да бидеме среќни. Треба да поработиме малку на маркетингот во оние пазари коишто го посетуваат регионот, како што Русите се присутни во Црна Гора, да поработиме на визните режими со оние земји коишто имаат намера и интерес да не посетуваат, како поранешните советски републики, Полска, Чешка, Словачка, европските земји коишто традиционално биле посетители на Македонија и на нашите туристички убавини, а сега веќе не се присутни, како една Германија со којашто имаме голема трговска размена, но немаме туристичка размена. Треба да поработиме на враќање на овие туристи, коишто традиционално доаѓале во Македонија и сакаат да доаѓаат во Македонија, а коишто на светската мапа на туристички посетители се познати како најголеми туристички потрошувачи. Тоа е нешто што може да го зголеми нашиот туристички промет и профит.

И за крај, претходно ја начнавме темата, зошто хотелите во Македонија се толку скапи?

Сите ми го поставуваат ова прашање. Цената пред сè, учебникарски, ја одредуваат понудата и побарувачката и трошоците. Во Македонија сè уште за жал хотелите не го достигнале тоа ниво да работат на таа еластичност на цените на тој начин како што тоа го работат европските хотели од причина што ние немаме толкав приход од туристички посети во хотелите, односно немаме ниту таква посетеност во текот на целата година и немаме таква посетеност и потрошувачка на гостите во текот на целата година. Сето тоа придонесува хотелите да не можат да ги креираат своите цени врз основа на реални економски параметри, туку ги креираат врз основа на очекувања, па така кога очекуваат сезона ги дигаат цените, а вон сезона ги спуштаат, ама многу малку, затоа што не можат да го достигнат економскиот обрт којшто се очекува за да бидат профитабилни. Друга работа којашто ги мачи македонските хотели и којашто не може да не ја споменам се скапите начини на финансирање. За да се создаде една инвестиција, зборувам како експерт за хотелски инвестиции, за да се почне и да се одржува, финансиските производи коишто се нудат на нашиот пазар сè уште не го достигнуваат нивото со коешто македонскиот хотелиер може да постигне профитабилност. Кога зборуваме за каматни стапки над 8 отсто и кога зборуваме за каматна стапка од 2,9 отсто во Америка, јасно ви е за што зборувам. Премногу се скапи парите што се имплементираат во хотелиерството и цената што бараме како туристи да ја постигнат хотелите е скоро невозможно. Од друга страна, хотелиерите се борат, ќе бидам тука малку остра во речникот, со црна економија, односно се борат со капацитети коишто ниту се регистрирани во туристичкото стопанство и тоа е многу тешко. Многу е тешко да имате вработени 12 месеци, да плаќате придонеси, да плаќате данок, а конкуренцијата ви е некој што тоа воопшто не го применува. Тоа е нешто што не може да дозволи намалување на цената. Ако ја намалите цената, треба да ги избркате вработените. Доаѓаме во еден магичен круг каде што е навистина многу тешко. Од една страна нема туристи, нема доволен обрт на пари во бизнис активностите, а од друга страна имате високи цени на енергенси, висока цена на работна сила, имате константно растење на цените на производите што се користат во хотелиерството, особено во угостителството и немате можност да ја намалите цената.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG