Достапни линкови

Во јануари само 29 отсто од Русите изјавиле дека ќе гласаат за Путин доколку тогаш се одржеле нови избори. Во јули пак таа бројка порасна на 52 отсто.

Превирањата во Украина и анексијата на Крим го зацврстија јавното мислење за претседателот Владимир Путин, велат руските аналитичари кои сепак додаваат: нивото на таквата поддршка не може да се одржува бескрајно. Според нив, наскоро следува враќање на рејтинг бројките од пред случувањата во Украина.

Во јануари само 29 отсто од Русите изјавиле дека ќе гласаат за Путин доколку тогаш се одржеле нови избори.

Во јули пак, според деновиве објавените резултати на анкетата спроведена од независниот и респектабилен центар Левада, таа бројка порасна на 52 отсто.

Меѓу испитаниците кои рекоа дека ќе гласаат, а знаат за кој, 82 проценти рекоа дека гласот ќе му го дадат на Путин. На претседателските избори во 2012 година тој доби над 63 проценти од гласовите.

Државните медиуми, владините институции, па дури и делови на граѓанското општество се адаптираа на новата ситуација, на „наши против нивни“ и на антизападната идеологија. Сега тоа е прифатено како нова норма.

Пред украинската криза неговиот рејтинг беше на најниско ниво откако за прв пат стана претседател во 2000 година.

Сегашниот конфликт во Украина и анексијата на Крим во основа го смени начинот на кој руската јавност ги гледа политиките на Кремљ.

„Секој врв на рејтингот е придружен со милитаристичка, воинствена реторика и на патриотски бран. Ако погледнете во историјата на амплитудите на Путин, првиот врв беше постигнат за време на втората Чеченска војна и бомбашките напади во Москва“, наведува Лев Гудков, шеф на Центарот Левада.

Според него, сличен раст на рејтингот имаше и за време на петдневната војна со Грузија во 2008 година.

Тој додава дека властите притоа го користат јазикот на војната како например „борба против фашизмот“ и „обединување на целиот народ“.

„Државните медиуми, владините институции, па дури и делови на граѓанското општество се адаптираа на новата ситуација, на „наши против нивни“ и на антизападната идеологија. Сега тоа е прифатено како нова норма“, оценува Гудков.

Сепак, како што додава, патриотската хистерија не може да трае бесконечно.

„Политичките процеси покренати во изминативе месеци не можат да се контролираат. Никој стопроцентно не може да биде сигурен дека конфликтот во Украина може да се контролира, односно да се подгрева или оладува по команда. Тоа беше ефиктивен, но и крајно ризичен потег“, оценува Гудков.

Некои политички аналитичари предвидуваат дека „Факторот Крим“ ќе избледне до крајот на годинава.

„Луѓето се уште не сфаќаат колкава висока цена може да чини анектирањето на Крим“, вели Алекснадар Коновалов, претседател на Московскиот Институт за стратегиски проценки.

Предвидувањата се дека веќе во ноември ќе има извесен пад на рејтингот на Путин и оти тогаш државната пропагандна машинерија ќе се сврти од надворешни кон внатрешни прашања.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG