Достапни линкови

logo-print

Дневен печат - Листерија и гробот на Александар Македонски


Надлежните не може да се договорат дали има или нема листерија во производите на „Екстра меин“. Откриена античка гробница во Грција, се најавуваше дека е на Александар Македонски.

Паралелно со високите температури и со „жолтата фаза“ во која западна Македонија со горештините, во земјава се одвива вистинска „Војна околу листеријата“, како што насловува Утрински. „Листерија - избрзана игра за виновник или мистерија?“ - гласи сомничавиот наслов во Нова Македонија, а Вечер, слободни сме да ги наречеме, игрите околу смртоносната бактерија, ги регистрира со неколку наслови: „Комисија за заразни болести - Сепак има листерија кај вакуумираниот свински врат од Екстра-меин“, „Агенција за храна и ветеринарство - Во мострите на Екстра-меин нема листерија!“

Листерија - избрзана игра за виновник или мистерија?

Од соседна Грција пристигна нова вест - локум за медиумите: бил откриен гробот на Александар! Веста ја објавија сите медиуми, а потоа почнаа сомнежите од страна на нашите археолози: „Гробот на Александар не е во Амфиполис!“ - го објавува Утрински мислењето на творецот на таканаречената антиквизација кај нас, Паско Кузман.

Македонската влада го осуди ’цицањето крв‘ на грчките војници.

Дневник, повикувајќи се на мислењето на Виктор Лилчиќ пишува: „Убиецот на синот на Александар не би му градел гробница“.

Бомбастичната вест од Грција дојде по уште побомбастичното видео објавено на Јутјуб како грчките специјалци извикуваат непријателски пораки за Турци, Албанци и Македонци. Македонската влада веднаш реагираше со писмо до Брисел дека „Вокабуларот на грчките војници подгрева меѓудржавна омраза“, како што објави Утрински. Дневник напиша: „Македонската влада го осуди ’цицањето крв‘ на грчките војници“.

Светскиот ден на младите помина некако нечујно во годишноодморскиов период; за жал, само оние опфатени во партискиот подмладок на СДСМ реагираа дека „Младите бараат билет во еден правец - Бројката од 250 илјади иселени млади го вклучува алармот за црвена тревога“, информира Утрински.

Истиот весник во поширока информација пишува дека на прославата на 13-годишнината од Рамковниот договор, нема да присуствуваат двајцата потписници, Црвенковски и Георгиевски, кои не биле во Скопје, а дека случајно или не, и премиерот Груевски е на одмор во Турција. Утрински потсетува дека Груевски досега не присуствувал на ниту едно одбележување на годишнината од потпишувањето на договорот во Охрид.

Нова Македонија објавува прилично остра анализа под наслов: „Македонија е насилно врамена, ама сликата допрва ќе се создава“.

Се чини некои медиуми сакаaт да ја држат дежурна темата за меѓуетничката нетрпеливост: Откако неколку дена интензивно се информираше за наводниот крш од страна на неколкумина Албанци, направен во едно кафуле во Старата скопска чаршија, поради македонски песни, по посетата на местото на настанот, Утрински наведува дека не се забележуваат никакви траги од наводно големиот инцидент.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG