Достапни линкови

logo-print

Младите сакаат или во странство или во јавна администрација


Младите преферираат партиска книшка како можност за вработување во администрација или иселување надвор од земјата, покажуваат резултатите од неколку различни истражувања.

Членување во политичка партија како можност за вработување во администрација или иселување надвор од земјата. Ова се двете опции што најмногу ги преферираат младите во Македонија, покажуваат резултатите од неколку различни истражувања.

Младите во сè поголем број одлучуваат како прва опција да ја напуштат државата, па ако не успеат, тогаш одат на варијантата барање партиска книшка со цел државно вработување.

Имено, едно испитување на јавното мислење објавено во април годинава, а спроведено од Центарот за правно политички истражувања покажува дека дури 77 отсто од младите сакаат да се иселат од земјата. Од нив високи 57 отсто рекле дека сакаат да заминат заради заработувачка.

Ако порано беше тренд иселувањето од внатрешноста во главниот град, вели извршениот директор на Младинскиот образовен форум, Марјан Забрчанец, денес ниту Скопје не е атрактивно место за младите, туку се бара билет во една насока за во странство.

Првото нешто кое тие го посакуваат кога станува збор за вработување е да се вработат во јавната администрација, вториот приоритет е да се вработат во бизнис секторот и третиот приоритет е да отворат свој бизнис.

„Главни причини за тоа се пред сè лошиот квалитет на живот, тука сигурно влегува и неможноста за вработување, односно нудењето на државната администрација како единствена или главна опција за вработување, па затоа мојата теза е дека младите во сè поголем број одлучуваат како прва опција да ја напуштат државата, па ако не успеат, тогаш одат на варијантата барање партиска книшка со цел државно вработување“, вели Забрчанец.

Испитувањето на коалицијата на младински организации Сега, пак, покажува и дека младите што својата иднина ја планираат во Македонија најмногу сакаат да се вработат во државна администрација.

„Првото нешто кое тие го посакуваат кога станува збор за вработување е да се вработат во јавната администрација, вториот приоритет е да се вработат во бизнис секторот и третиот приоритет е да отворат свој бизнис. Ова го покажува можеби актуелната состојба кај нас во која што јавната администрација е место каде што не се бара соодветен квалитет на знаење, не се бара труд или не се бара постигнување на одредени резултати, но од друга страна гарантира стабилно работно место или стабилна позиција“, вели претседателот на коалицијата Сега, Зоран Илиески.

Тој сугерира дека за да се надмине ваквата слика неопходно е да се сменат некои работи во државната политика, пред сè во однос на вработувањата, но и во подигнувањето на стандардот, оти, како што вели, сегашната заработувачка што се нуди не е предизвик за младите.

Забрчанец, пак, смета дека треба да се овозможи и подобар образовен систем, силни студентски и средношколски организации и вклучување на младите во одлучувачките процеси во сите сегменти на општеството.

„И конечно, овозможување на што поголем број млади да се вработат во средни и големи претпријатија каде што ќе стекнат искуства, вештини и дури после тоа давање на можност, услови, бенефиции, субвенции ако сакате, младите да отвораат сопствени бизниси. Еден млад човек нема да отвори сопствен бизнис само ако му кажете охрабри се и осмели се, бидејќи тоа е само една моќна пропагандна порака, а позади неа нема воспоставен систем, воспоставено образование, воспоставени практични вештини за младите да ги искористат“, вели Забрчанец.

Наспроти ваквите резултати од испитувањата, владата се пофали дека со нејзината мерка за ослободување од давачки кон државата за фирмите што ќе вработат млади добиле одлични резултати па дневно се вработувале и по 20 луѓе.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG