Достапни линкови

Нема туризам само со два месецa работа


Зборувајќи за падот на домашните туристи, експертите оценуваат дека тоа е несомнено доказ за намалената куповна моќ, но дополнуваат и дека понудата во регионот станува многу конкурентна.

Во Охрид ова лето има пораст на странски туристи, но забележително е и намалување на домашниот туризам. Зборувајќи за падот на домашните туристи, експертите оценуваат дека тоа е несомнено доказ за намалената куповна моќ, но дополнуваат и дека понудата во регионот станува многу конкурентна.

На Балканот веќе имаме туристички дестинации во Албанија кои се доста атрактивни, дека во претсезоната Грција ги намали цените на ниво да може да се користат од страна на нашите туристи и сето тоа придонесе домашниот промет да се намали.
Науме Мариновски, Факултет за туризам во Охрид.

„Сега сме веќе свесни дека на Балканот веќе имаме туристички дестинации во Албанија кои се доста атрактивни, дека во претсезоната Грција ги намали цените на ниво да може да се користат од страна на нашите туристи и сето тоа придонесе домашниот промет да се намали“, вели професор Науме Мариновски од Факултетот за туризам во Охрид.

Според него, посетеноста на Охрид е во духот на оние бројки со кои може да се прогласи успешна сезона. Тој тоа го гледа според посетеноста и престојот и остварената потрошувачка.

„Досегашните анализи за прометот во Охрид покажуваат дека имаме забележително зголемување на странската посетеност. Тоа значи дека мерките кои беа преземени и од страна на општината и од страна на државата во оваа смисла беа успешни“, вели Мариновски.

Во мај ние ја продаваме Касандра Палас 23 евра за полупансион, Касандра Палас кај се наоѓа, која е, а во Охрид, да не споменувам имиња, хотел со три ѕвезди ни бара 25 евра и вели не ни носите гости. Кого да го донесеш со такви цени.
Миле Атанасовски, туристички работник.

Но, Миле Атанасовски од АТАМ не мисли така. На Охрид му е потребна стратегија со која ќе го намали влијанието од конкуренцијата на туристичките дестинации во регионот, вели Атанасовски.

„Нема стратегија на туризам во смисла на тоа што има целогодишни цени, една цена важи цела година. Два хотели дали имаат некој попуст на пример во април, во мај, во септември, во октомври, цела година се тера со истата цена“, вели Атанасовски.

Овие мерки, покрај соработка на агенциите со луѓето што издаваат соби, треба да вклучуваат и осмислување начин за да има посетеност во Охрид подолг период, а не само два месеци.

„Во светот никаде не постои да работиш два месеци, а да живееш цела година, овде тоа се случува. Од два месеци сакаат дванаесет да живеат, не оди тоа така. Тука сме, наши сме, а најслаба соработка имаме со нашите хотелиери. Во мај ние ја продаваме Касандра Палас 23 евра за полупансион, Касандра Палас кај се наоѓа, која е, а во Охрид, да не споменувам имиња, хотел со три ѕвезди ни бара 25 евра и вели не ни носите гости. Кого да го донесеш со такви цени“, прашува Атанасовски.

Според она што го истакнува владата на полето на туризмот, се работи на обезбедување на подобрување на туристичките услуги и туристичката инфраструктура, а преземени се повеќе мерки и инвестиции, како што се намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за туристичките услуги, субвенционирање на организиран странски туристички промет и слично.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG