Достапни линкови

Чарши џамија во Прилеп 13 години руина


Прилепската Чарши џамија и по 13 години од опожарувањето останува ругло на градот. Таа не се обновува, а во населбата Тризла се гради џамија, која треба да ги задоволи потребите на верниците.

И по 13 години откако е до темел опожарена прилепската Чарши џамија, споменик на културата којшто датира од втората половина на 15 век, ги крие сенките на минатото. Целосно руинирана, таа е засолниште на бездомниците, зависниците од дрога, место каде се собира ѓубре, фекалии, го нагрдува целосно центарот на Прилеп, зашто се наоѓа веднаш до Градскиот саат. И се чини дека сите граѓани се навикнаа на оваа нагрдена слика. Па, освен повремените реакции на прилепското Муфтиство, никој друг не покажува интерес за ова прашање.

Политичарите си подадоа еден меѓу друг рака, и ние како муслимани, како верници, немаме џамија.

„Ние за жал во ова денешно време, во оваа демократска држава, во овие сите демократски права што ги уживаат сите други граѓани на Република Македонија, да немаме ваков верски објект, од неоправдани причини, од некои несогласности од луѓето од политиката. Политичарите си подадоа еден меѓу друг рака, и ние како муслимани, како верници, немаме џамија“, вели муфтијата Мустафа Топалоски.

Да се изгради овој верски објект во фаза на карабина, нас ќе не чини вкупно 375 илјади евра.

Гледано од религиски аспект, прилепските верници од муслиманска вероисповест го решија прашањето со џамијата. Во населбата Тризла се гради џамија, која се очекува да ги задоволи потребите на овие граѓани.

„Желбата за џамија којашто ја имавме многу години, којашто беше сон за нашите минати генерации, се остварува, стана реален сон. Со цел да докажеме дека навистина сме имале потреба од еден таков верски објект, којшто се надевам дека или ќе ги задоволи или нема да ги задоволи, бидејќи интересот на граѓаните и на сите муслимани е голем“, вели имамот Ајнур Сулејманоски.

Оваа џамија се гради со донации од исламски верници, но и со голема логистичка и финансиска поддршка на локалната власт. Секоја година се издвојуваат пари за нејзина изградба од градската каса.

„Да се изгради овој верски објект во фаза на карабина, нас ќе не чини вкупно 375 илјади евра“, вели Сулејман Фејзулоски, претседател на религиозната група ’Екли сунет велџемат‘.

„Околу 50 до 60 илјади евра се само префрлени од страна на локалната самоуправа, не запираат тука, градоначалникот ни вети дека со секој ребаланс на буџетот и секоја година ќе се префрлаат средства за џамијата“, додава имамот Сулејманоски.

Прашањето за верските потреби на верниците би било затворено, доколку ИВЗ ја признаеше верската група ’Екли сунет Велџемат‘. Но, според ИВЗ, оваа религиозна група не е дел од ИВЗ и нејзиното формирање е противуставно. Барањата на ИВЗ, т.е. прилепското Муфтиство е првин Чарши џамија да се обнови, па дури потоа да се најде решение дали ќе биде активен верски објект или само споменик на културата, состојба во која се наоѓаше пред опожарувањето и според тврдењата на прилепчани.

Дали воопшто сериозно се размислува на ова прашање, тешко е да се даде одговор. Челниците на општинските ограноци на најголемите политички партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, остануваа без коментар по ова прашање, дури и репрезентите на интелектуалната фела во Прилеп се воздржани. Граѓаните се подвоени во ставовите за и против нејзина обнова. Од Управата за заштита на културното наследство велат дека до средината на септември важи дозволата која што е издадена на Националниот конзерваторски центар за обнова на џамијата.

Чарши џамија е опожарена на 8 август 2001 година, истиот ден кога на Карпалак беа убиени 10-темина прилепски резервисти.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG