Достапни линкови

Трговската војна меѓу Западот и Русија - најкоментирана тема


Најкоментирана тема на нашата интернет страница изминатата недела е однесувањето на Македонија во актуелната трговска војна меѓу Русија и Западот.

Македонија да не прави избрзани постапки за да не ги наруши добрите односи ни со Запад, ни со Русија, во нивната меѓусебна трговска војна, препорачуваат стопанственици и политички аналитичари во нашиот текст посветен токму на трговските санкции на САД против Русија и одговорот на Москва на нив. Вашите коментари, почитувани, се некаде на средина на овој став.

Нашиот земјоделец најмотивиран ќе биде ако успее да го продаде производот по добра цена, што е далеку пополезно од какви и да е субвенции.

Око смета дека за сиромаштијата во Македонија, која со години наназад се наталожила „само ова ни е спасот“. Па споредува дека лани праските имале добра цена затоа што ги откупиле Русите, а годинава, зашто Русите веројатно си нашле праски на Крим, се продаваат по многу ниска цена која била неисплатлива за производство. „Нашиот земјоделец најмотивиран ќе биде ако успее да го продаде производот по добра цена, што е далеку пополезно од какви и да е субвенции“, порачува Око.

Нè пљачкале Турци, Срби, Бугари, Грци, ама никој ко нашиве патриоти.

МКД смета дека ова било златна шанса за Македонија и дека годинава можеле да се направат големи пари ако брзо се реагира. Загор, пак, мисли дека доколку има извоз, кај нас ќе било скапо и ќе сме умреле за зрно грозје. А Анонимен, тргнувајќи од насловот на прилогот извлечен од мислењата на познавачите на состојбите, напишал, цитирам: „Кога американски медиум ќе напише вака, тоа значи само едно: ако не послушаме ќе се влошат меѓуетничките односи“, и препорачува да сме ја имитирале Турција: ако таа продава храна во Русија, да сме продавале и ние.

Но, Пиле го критикува владино-државниот врв дека не одговориле експлицитно на прашањето за ембаргото, како што немале јасен став ниту за промената на границите со сила, во врска со Крим, ниту дека ќе ги почитуваат одлуките на меѓународната заедница во врска со санкциите спрема Руската Федерација.

Патриотските пораки во говорите на Груевски и Иванов на Илинден ви се виделе интересни, па сте ги коментирале и нив. Миле од Охрид го пофалува Груевски што, како што вели, „се освестил и изрази почит кон партизаните и круната на нивната борба - АСНОМ“. Миле, во исто време, го напаѓа покојниот претседател Трајковски за „обидот да ги избрише Македонците од Уставот“ со Охридскиот договор и наоѓа сличности во актуелната политика на ЕУ и на ОБСЕ во врска со, како што наведува, „идентитетските прашања“.

Потпишан со Емореее искоментирал: „Кога немаат идеја ни капацитет да ја извадат државата од овој пекол во кој секој ден сè подлабоко ја туркаат, најлесен начин е да посегнат по патриотизмот како оружје. Нè пљачкале Турци, Срби, Бугари, Грци, ама никој ко нашиве патриоти“, заклучува на крај Емореее.

Инаку, во нашата интерна анкета, на прашањето дали Груевски и Заев ќе постигнат каков било компромис, 73 отсто од одговорите се негативни, а само 19,1 отсто позитивни.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG