Достапни линкови

logo-print

Победата на Ердоган, почеток на трката за нова влада


Турската владејачка партија ги почна разговорите за изгледот на идната влада откако премиерот Реџеп Таип Ердоган си обезбеди место во историјата победувајќи на првите директни избори за претседател. Успехот на Ердоган, според неговите опоненти, само ќе доведе до зацврстување на авторитарната власт во Турција.

Во наредните недели Реџеп Таип Ердоган за последен пат ќе заседава на состаноците на владејачката Партија на правдата и развојот што ја формира.

Браќа, ова го велам од срце. Ајде денеска да почнеме нов период на социјално помирување и да ги оставиме старите расправии во старата Турција.

Тој ќе ја надгледува селекцијата на новиот партиски лидер, најверојатно негов верен соработник кој всушност би бил и нов турски премиер. Ердоган на претседателската функција ќе биде инаугуриран на 28 овој месец.

„Браќа, ова го велам од срце. Ајде денеска да почнеме нов период на социјално помирување и да ги оставиме старите расправии во старата Турција. Ајде да ги оставиме тензиите, пресметките и виртуелните проблеми во стара Турција“, порача Ердоган во победничкиот говор од балконот на седиштето на неговата партија во Анкара, додавајќи:

Ердоган е природен лидер. Не сум загрижен ако стане премногу моќен. Подобро е една личност да решава, отколку куп луѓе на маса.

„Денеска е роденден за Турција. Таа повторно се роди од пепелот“, рече Ердоган.

Неговите следбеници долго во ноќта прославуваа на улиците на Анкара откако беа соопштени првичните резултати од неделните избори.

Ердоган, кој над десет години беше премиер, победи со 52 насто од гласовите. Тоа е за 13 проценти повеќе од неговиот најголем ривал и доволно за да се избегне вториот круг на гласање.

Ердоган вети дека ќе ја врши функцијата според законите, но не како неговите претходници кои имаа само церемонијална улога.

Тој не ги крие неговите планови за промени во Уставот со цел претседателот да има поголема моќ во земјата.

Ова беше крунисување, а не избори.

„Сакам да нагласам дека ќе бидам претседател на сите 77 милиони граѓани, а не само на оние што гласаа за мене“, рече Ердоган во победничкиот говор.

Сепак, изборната мапа сугерира дека тоа нема да биде лесно. Додека конзервативната Анадолија гласаше за него, полибералниот западен Егејски и Медитерански брег главно беше за кандидатот на опозицијата Екмеледин Ихсаноглу, додека југоистокот на земјата за курдскиот кандидат Селахатин Демирташ.

Турција стана регионална економска сила откако Ердоган дојде на власт на брановите на верскиот конзервативизам во секуларната држава што на урнатините на Отоманската империја во 1923 година ја основа Кемал Ататурк.

Критичарите предупредуваат дека претседателот Ердоган, со неговите корени во политичкиот ислам, ќе ја води оваа членка на НАТО и кандидатка за Европската унија подалеку од секуларните идеали на Ататурк.

„Ова беше крунисување, а не избори“, вели Николас Спиро, аналитичар од Лондон, наведувајќи дека има страхувања оти моќта ќе биде концентрирана во рацете на понекогаш импулсивниот Ердоган.

„Турскиот иден премиер ќе владее во негова сенка“, додава тој.

Од голема важност ќе биде Ердоган да има лојален премиер. Засега се спомнува шефот на дипломатијата Ахмет Давутоглу.

Ако влијанието на Ердоган во партијата бледнее, тогаш тој би можело да наиде на тешкотии во намерата да го менува Уставот за да добие повеќе моќ, реформа за која се потребни две третини во парламентот.

„Ердоган е природен лидер. Не сум загрижен ако стане премногу моќен. Подобро е една личност да решава, отколку куп луѓе на маса“, вели 23-годишниот Кадир Челик од Истанбул додавајќи:

„Гледајте ја опозицијата. Тоа се случува кога не сте здружени околу една личност“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG